Трета година по ред ЗМАИ го пресметува и прикажува Индексот на отворени општини за нашата земја. Индексот претставува сеопфатен индикатор кој го следи и оценува процесот на буџетирање на една општина за една фискална година во скала од 0 до 100.

Акцентот на процесите на локалниот буџет е претставен преку три области:

Транспарентност – го мери/испитува степенот до кој е познат на јавноста буџетскиот процес, од подготовка, преку усвојување, до спроведување.

Вклучување и правичност  – вклучувањето испитува како и колку граѓаните, особено маргинализираните групи, се вклучени во буџетскиот процес, т.е. ако се во можност да го изразат своето мислење за локалниот буџет и дали се зема впредвид нивниот глас. Еднаквоста испитува како се застапени маргинализираните групи во различните фази на буџетскиот процес.

Отчетност  – го оценува прикажувањето на резултатите од работата на локалните власти и на целиот буџетски процес пред граѓаните.

Целта на овој извештај е да ја прикаже состојбата на отвореноста на општините во Република Северна Македонија преку ИОО за 2022 година. Резултатите покажуваат дека просечната вредност на ИОО за 2022 година е 35,2. Од друга страна, поставените стандарди за отвореност покажуваат дека општината мора да има индекс од барем 61 за да има задоволително ниво на отвореност. Вкупно осум општини (Битола – 77.8, Валандово – 75.1, Крива Паланка – 75.0, Делчево – 70.6, Центар – 66.2, Струмица – 65.6, Богданци – 65.6 и Берово – 61.7) имаат задоволително ниво на отвореност. Вкупно 13 општини имаат доволна отвореност на буџетскиот процес (вредност на ИОО меѓу 41 и 60). Најголем број од општините по бројност се општините со минимална отвореност (вкупно 49) на буџетскиот процес (вредност на ИОО меѓу 21 и 40). Недоволно ниво на отвореност имаат дури 11 општини. Сето ова посочува дека најголемиот дел од општините имаат минимална отвореност на општинските буџети кон граѓаните во 2022. Целосниот извештај за Индексот на отворени општини за 2022 може да се најде на следниот линк.

Податоците од мерењето на Индексот може да се најдам на следните линкови: excel, CSV.