Колку сме блиску до европскиот животен стандард и што е потребно за побрзо да го достигнеме? Ова беше централното прашање на настанот „Каде сме на патот до ЕУ? Патот на Северна Македонија кон европскиот стандард“, што Здружението за истражување и анализи ЗМАИ го организираше на 20 октомври 2026 година во Скопје, во рамки на регионалната иницијатива Converge2EU.
На настанот беше претставено второто издание на Годишниот извештај за конвергенција за Северна Македонија, кој го следи приближувањето кон Европската унија во осум клучни области: економија, социјална благосостојба, здравство, образование, институционално управување, животна средина, дигитализација и инфраструктура.
Извештајот покажува дека Северна Македонија достигнува 64% од просечното ниво на благосостојба во ЕУ. Доколку продолжи просечното темпо на приближување забележано во последните пет години, за достигнување на европскиот просек би биле потребни уште 52 години. Притоа, во 2025 година вкупниот показател бележи благо влошување од 0,1 процентен поен, што укажува дека напредокот не е ниту доволно брз ниту рамномерен.
Каде напредуваме, а каде заостануваме?
Резултатите покажуваат значителни разлики меѓу одделните области. Најблиску до просекот на ЕУ е здравството со 80,3%, по кое следуваат дигитализацијата со 77,3% и институционалното управување со 72%. Образованието достигнува 67,1%, а социјалната благосостојба 62,2% од европското ниво.
Најголемите предизвици остануваат во инфраструктурата, која достигнува само 43,4% од просекот на ЕУ, животната средина со 54,2% и економијата со 55,9%.
Во текот на 2025 година напредок е регистриран во четири области, додека во останатите четири е забележано влошување. Најголемо подобрување има во економијата и институционалното управување, додека најизразено назадување е регистрирано во здравството, дигитализацијата и образованието.
Дополнително, анализата открива важни структурни предизвици. Иако просечната бруто-плата, приспособена според куповната моќ, достигнува околу 64% од европскиот просек, продуктивноста по работник е на само 54% и практично стагнира. Ова укажува дека растот на приходите не е проследен со соодветно зголемување на продуктивноста.
Слични разлики постојат и во јавните услуги. И покрај развојот на приватниот ИКТ-сектор, користењето електронски јавни услуги достигнува само 36% од нивото на ЕУ. Во здравството, пак, граѓаните директно од сопствени средства покриваат 39,6% од вкупните здравствени расходи, што претставува значителен финансиски товар за домаќинствата.
Во регионални рамки, Северна Македонија со 64% се наоѓа зад Црна Гора (69%) и Србија (67%), но пред Албанија (61%), Босна и Херцеговина (57%) и Косово (54%).
Може ли европската интеграција да го забрза приближувањето?
Покрај следењето на постигнатите резултати, иницијативата Converge2EU анализира и четири алтернативни сценарија за европска интеграција: полноправно членство во ЕУ, пристап до европскиот буџет, пристап до единствениот европски пазар и спроведување институционални реформи.
Моделските проценки покажуваат дека различните форми на интеграција можат значително да влијаат врз брзината на економското приближување.
Според сценариото за БДП по жител, при продолжување на досегашните трендови, на Северна Македонија би ѝ биле потребни повеќе од 100 години за да го достигне просекот на ЕУ. Со полноправно членство, овој период би можел да се намали на околу 50 години. Самостојниот пристап до европскиот буџет би го скратил периодот на 84 години, а пристапот до единствениот пазар на 85 години.
Овие сценарија не претставуваат гарантирани временски рокови, туку моделирани проценки кои покажуваат колку различните политики и форми на интеграција можат да влијаат врз развојот.
Реформите не ги правиме за Брисел, туку за граѓаните
Резултатите од регионалната и националната анализа ги претставија Ана Милинковиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии (wiiw), Сабина Ланге од Think Europe и Виктор Митевски, извршен директор на ЗМАИ и автор на националниот извештај.
„Не смееме европската интеграција да ја мериме само со усвоени закони, ниту економскиот успех само со повисоки плати. Реформите не ги правиме за Брисел, туку за граѓаните. За европски стандард ни требаат поголема продуктивност, јавни услуги што функционираат и институции што испорачуваат резултати. Домашната одговорност е наша, а од ЕУ очекуваме кредибилна перспектива за членство и конкретни придобивки од интеграцијата уште пред зачленувањето“, истакна Виктор Митевски.
На настанот се обратија и амбасадорот на Европската унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, амбасадорот на Ирска, Брендан Вaрд, како и Адријана Лавчиска од Фондацијата Отворено општество – Западен Балкан.
Амбасадорот Рокас нагласи дека европското пристапување и економското приближување мора да одат рака под рака и дека суштината на конвергенцијата се подобрите работни места, посилните институции и повисокиот квалитет на живот за граѓаните. Тој ја истакна потребата од континуирани реформи и конкретни резултати од нивното спроведување.
Амбасадорот на Ирска, Брендан Вaрд, посочи дека приближувањето на животниот стандард е една од најзначајните придобивки од членството во ЕУ, нагласувајќи го искуството на Ирска, која од една од најсиромашните членки се трансформираше во една од најбогатите земји на Унијата.
Адријана Лавчиска истакна дека европската интеграција треба да се оценува и преку вистинските промени во животниот стандард, а не единствено преку формалниот напредок во пристапниот процес. Според неа, податоците од Converge2EU треба да им помогнат на институциите, Собранието и граѓанското општество да го следат напредокот и да ги идентификуваат областите во кои се потребни дополнителни реформи.
Податоци што водат кон подобри политики
Целта на Converge2EU е да обезбеди континуирано, споредливо и објективно следење на приближувањето на Западен Балкан кон европските стандарди, надвор од формалното исполнување на критериумите за членство.
Преку годишните извештаи, интерактивната платформа со податоци и анализите на различни сценарија, иницијативата придонесува за креирање јавни политики засновани на докази и за подобро разбирање на економските, социјалните и институционалните предизвици.
Во рамки на настанот се одржа и свеченото доделување на наградата во рамки на конкурсот за млади истражувачи „Млади квантитативни умови – Славица Тодоровска – Цаци“, со поддршка на Стопанска банка АД Скопје. Конкурсот има цел да го поттикне интересот на младите за истражување, квантитативна анализа и користење податоци при разгледување важни општествени и економски прашања.
Иницијативата Converge2EU ја спроведуваат Виенскиот институт за меѓународни економски студии (wiiw), Think Europe и партнерските организации од Западен Балкан, меѓу кои и ЗМАИ, со поддршка од Open Society Foundations – Western Balkans.
Целосниот извештај за Северна Македонија за 2026 година е достапен на овој ЛИНК .
Повеќе информации, интерактивни податоци и споредбени анализи за земјите од Западен Балкан се достапни на www.converge2.eu





Скорешни коментари