На 20 октомври 2026 година, во рамки на настанот посветен на презентацијата на Годишниот извештај за конвергенција на Северна Македонија кон Европската унија, Здружението за истражување и анализи ЗМАИ ги прогласи победниците на годинешниот конкурс за истражувачки есеи „Млади квантитативни умови – Славица Тодоровска – Цаци“.
Првото место и главната награда од 1.000 евра ги освои Стефан Митиќ, со истражувачкиот есеј „Технологијата пристигна, а вештините не“.
Второто место му припадна на Даниел Смиљков, за есејот „Телото на моделот и сликата за своето тело: Експеримент за потрошувачката преференција за облека кај средношколците во Скопје“.
Третото место го освоија Теа Тодорова и Стефан Вуловски Иванов, со заедничкиот истражувачки есеј „Празни станови, скап клуч“.
Конкурсот се одвиваше во две фази, со цел да им овозможи на младите истражувачи да ги развијат своите идеи во аргументирани анализи засновани на податоци. Во првата фаза, кандидатите доставуваа апстракти со истражувачки прашања и предложена методологија. Од пристигнатите пријави беа избрани финалисти, кои преку менторска поддршка ги разработија своите идеи во истражувачки есеи засновани на квантитативна анализа.
Годинешните трудови опфатија актуелни општествени и економски прашања, потврдувајќи ја важноста на истражувањето и користењето податоци за подобро разбирање на предизвиците со кои се соочуваат младите и општеството.
Награда што го продолжува истражувачкиот дух на Цаци
Наградата „Млади квантитативни умови“ е востановена во чест на Славица Тодоровска – Цаци, наша другарка и коосновачка на ЗМАИ, како потсетник на нејзиниот истражувачки дух, љубопитноста, посветеноста и човечката доблест.
Цаци веруваше во моќта на знаењето, во потенцијалот на младите и во нивната способност да го менуваат општеството на подобро. Со оваа награда ја продолжуваме токму таа идеја, создавајќи простор за младите истражувачи да поставуваат важни прашања, да ги преиспитуваат општествените предизвици и да бараат одговори преку податоци и аргументирана анализа.
За ЗМАИ, оваа награда не е само признание за најдобрите истражувачки трудови, туку и вложување во нова генерација млади луѓе кои критички размислуваат, истражуваат и придонесуваат кон носење подобри одлуки засновани на докази.
Паричната награда од 1.000 евра за првото место и оваа година ја обезбеди Стопанска банка АД Скопје, на која ѝ благодариме за континуираната поддршка и посветеноста на развојот на младите истражувачки таленти. ЗМАИ обезбеди дополнителни парични награди од по 200 евра за второто и третото место.
Им честитаме на наградените автори и им благодариме на сите учесници што ги споделија своите идеи и вложија време, труд и посветеност во нивното истражување.
Сите финални истражувачки есеи се објавени во заедничка публикација на ЗМАИ (ЛИНК од збирката на есеи), со цел да се овозможи нивна поширока достапност и да се поттикне понатамошна дискусија за темите што ги истражуваа младите автори.
Со оваа иницијатива продолжуваме да го негуваме наследството на Цаци и нашата заедничка верба дека податоците зборуваат, а младите имаат знаење и потенцијал да поттикнат позитивни промени во општеството.




Скорешни коментари