ЗА НАС

ЗА НАС

Здружението за истражување и анализи ЗМАИ е основано и работи од 2014 година. Нашата мисија е да служиме како централна платформа за поддршка на економскиот развој преку иновативни решенија, споделување на знаење и воспоставување на национални и меѓународни партнерства.
Нашата визија е да се позиционираме како глобален катализатор и поддржувач на економскиот раст преку создавање најсовремени решенија, алатки и платформи за размена на знаење.
Општа цел на ЗМАИ е да го подобри општеството преку создавање и промоција на ефективни јавни политики за добро управување во јавниот и деловниот сектор, подобрување на квалитетот на образованието, развој на истражувачки дух помеѓу младите и унапредување на нивото на економските и финансиските знаења.
Посебните цели на Здружението се:
• Формирање и зајакнување на партнерства и соработки со локални и национални и меѓународни организации, бизниси и влади за групирање на знаење, експертиза и ресурси за унапредување на иницијативите за економски развој.
• Креирање на анализи, дисеминација на податоци и споделување на знаење преку истражувања, за информирање на јавноста за стратегии за економски развој преку најдобри практики базирани на докази.
• Зајакнување на финансиската едукација и писменост преку програми за стекнување на потребните вештини и знаења за донесување на финансиски одлуки, ефикасно менаџирање на ресурсите и учеството во економски активности.
• Поддршка и промоција на еколошки одржливи практики во рамките на иницијативите за економски развој, обезбедувајќи долгорочна еколошка рамнотежа и издржливост.
• Промоција на инклузивен економски раст преку намалување на економските диспаритети и обезбедување на еднаков пристап за сите, независно од пол, етничка припадност или социо-економско потекло.
• Создавање и развој на јавни политики базирани на факти од областа на доброто управување, јавни финансии, фискални политики и други сродни области;
• Стимулирање, поддршка, лобирање, менаџирање, имплементација и развој на слободните иницијативи на млади истражувачи и аналитичари;
• Стимулирање и поддршка на процесот на отворени податоци, транспарентност и отчетност на јавните институции

Проекти

Публикации

Истражувачи

Јавни настани

ОРГАНИЗАЦИЈА

ЗМАИ е основана на 20 октомври 2014 година од 7 (тогашни) магистранти на Катедрата „Статистика за бизнис и економија“ на Економскиот факултет – Скопје. Највисок орган на ЗМАИ е неговото Собрание, кое го сочинуваат сите негови членови кои имаат еднакви избирачки права при донесувањето на одлуките од надлежност на Собранието. ЗМАИ е застапуван од Извршен директор, кој има мандат од 4 години, а управуван од Управен одбор, составен од 5 члена. Надзорот над работата на ЗМАИ го врши Надзорен одбор, составен од 2 члена.

Собрание

Собранието на ЗМАИ го сочинуваат сите физички и правни лица – членови на Здружението. Собранието се состанува по потреба, но најмалку еднаш годишно. Собранието правосилно одлучува ако се присутни повеќе од една половина од вкупниот број членови и одлучува со мнозинство гласови од присутните членови. Во моментов, Собранието на ЗМАИ се состои од 24 членови.

Извршен директор

Извршниот директор на ЗМАИ јавно го претставува Здружението. Извршниот директор се избира од членовите на ЗМАИ и има мандат од 4 години, со право на еден реизбор по завршувањето на првиот мандат. Тој е избран и именуван од страна на Собранието, со мнозинство гласови од вкупниот број членови. Во моментов, Виктор Митевски е Извршен директор на ЗМАИ.

Управен одбор

Управниот одбор е административен орган на Собранието и се состои од 5 члена кои доаѓаат од редот на членовите на Здружението. Членовите на Управниот одбор имаат мандат од 3 години. Одборот одговара пред Собранието и најмалку еднаш годишно поднесува извештај за работата на ЗМАИ. Извршниот директор на ЗМАИ активно учествува на седниците на УО, но нема право на глас. Одборот донесува одлуки со апсолутно двотретинско мнозинство. Во моментов, УО е составен од 5 члена: Виктор Стојкоски, Ксенија Поповиќ Коцевски, Невена Спасовска, Наташа Анѓелеска и Нена Манчев

Надзорен одбор

Надзорниот одбор го контролира спроведувањето на одредбите од Статутот на ЗМАИ и го контролира наменското располагање со средствата и приходите на Здружението. Надзорниот одбор има 2 члена, од кои едниот е член на ЗМАИ, а другиот надворешно лице. Одлуките се носат со консензус и надзорниот одбор се состанува најмалку двапати годишно. Членовите на Надзорниот одбор имаат мандат од 4 години, без право на реизбор. Во моментов надворешен член на Надзорниот одбор е Проф. д-р Цане Мојаноски

ТИМ

ВИКТОР МИТЕВСКИ

Виктор Митевски е ко-основач на ЗМАИ и во моментов е Извршен директор на Здружението. Во период од 2015-16 година тој престојува во Texas A&M University каде се стекнува со титулата магистер по економски науки. Од 2017 до 2019 година работи како посебен советник на Министерот за финансии. Виктор е добитник на стипендијата Fulbright во 2015.

НЕВЕНА СПАСОВСКА

Невена Спасовска е еден од основачите и истражувач во Здружението за истражување и анализи ЗМАИ од неговото основање во 2014 година. Работи како Software Support Specialist во компанијата MEDIAGENIX. Нејзиниот афинитет кон истражувачката работа и статистичката обработка на податоци го реализира земајќи активно учество во проектните активности на ЗМАИ.

ГОРАН МОЈАНОСКИ

Горан Мојаноски е еден од основачите на ЗМАИ Скопје. Најголем дел од неговата истражувачка кариера ја има посветено во областа на основното образование, инвестициите и пазарот на капитал. Негова потесна област на специјализација е пазарот на капитал. Во 2023 година Горан се здоби со титулата Доктор по статистички методи за бизнис и економија.

ВИКТОР СТОЈКОСКИ

Виктор Стојкоски е истражувач во ЗМАИ од 2015 година. Покрај ангажманот во ЗМАИ, Виктор е вработен како асистент на Економскиот факултет во Скопје. Автор е на повеќе од 30 научни трудови и има учествувано во повеќе од 10 меѓународни научноистражувачки проекти. Неговиот истражувачки интерес е развивање на методи за анализа на податоци.

КСЕНИЈА ПОПОВИЌ

Ксенија Поповиќ е дипломиран економист при Економски факултет во Скопје и магистер по економија од областа на статистиката. Има шестгодишно искуство во банкарскиот сектор, од кои пет години како раководител на продажба каде што е одговорна за планирање, координирање, надзор и контрола на работата. Таа е еден од основачите и истражувачите на ЗМАИ.

ДРАГАН ТЕВДОВСКИ

Драган Тевдовски е редовен професор на Економскиот факултет во Скопје. Добитник е на наградата „Најдобар научник на Универзитетот “Св.Кирил и Методиј” во областа на општествените науки во 2015, а избран е и за еден од најинспиративните професори во Македонија. Тој бил Министер за финансии (2017-2019), а во моментов е советник на извршен директор во ММФ.

НЕНА МАНЧЕВ

Нена Манчев е надворешен соработник и истражувач во ЗМАИ. Во моментов работи како менаџерка на програмите за лидерски развој во Македонија 2025. Дипломирала на Економскиот факултет при УКИM. Нејзиното претходно искуство е во Одделението за административна поддршка и координација во ФИТР, како и раководителка на Кабинетот на министерот за финансии.

ФАТОН СУЛЕЈМАНИ

Фатон Сулејмани е магистер по економски науки во областа на статистичките методи за бизнис и економија. Во 2020 година тој е добитник на стипендијата Chevening и во моментов се наоѓа на студиски престој на Imperial College London.

МАРИЈА ПАЦАРОСКА СТОЈКОВИЌ

Марија Пацароска студирала на Филозофскиот факултет во Скопје, на катедрата по Педагогија. Поседува професионално искуство во областа на маркетинг, истражување и бизнис администрација стекнато во повеќе ИТ компании и истражувачката агенција ИПСОС. Во 2021 се вклучува во ЗМАИ како проект асистент.

БРАНИМИР ЈОВАНОВИЌ

Бранимир Јовановиќ е економист во WIIW и стручен експерт. Неговите истражувачки интереси тежнеат кон економската нееднаквост, фискалната политика, како и финансиските кризи. Бил советник на министерот за финансии и истражувач на Централната банка на РСМ меѓу 2007 и 2015. На Универзитетот „Tor Vergata“ се има стекнато со титулата Доктор на науки.

МАРИЈА КИТАНСКА ЦВЕТКОВСКА

Марија Китанска Цветковска има 20 годишно искуство во ИТ секторот во Министерството за финансии. Работела на имплементација и одржување на повеќето системи и портали поддржани од Министерството за финансии. Во ЗМАИ работи како истражувач и ИТ експерт.

НАТАША АНЃЕЛЕСКА

Наташа Анѓелеска е доктор на педагошки науки со долгогодишно искуство и ангажман на програми и проекти во образование во делот на професионален развој и образование на наставници и поддршка на образованието на маргинализирани групи. Учествувала како експерт во работни групи за креирање на стратешки документи за образование и млади. Наташа е насловен доцент на Американ колеџ во Скопје на катедрата за психологија, а моментално работи како проектна менаџерка во Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор

ЈОВАНА АВРАМОВСКА

Јована Аврамовска има дипломирано на Економски факултет Скопје. Таа има повеќегодишно искуство како новинар, а од 2017 до 2019 година е ПР на Министертсвото за финансии. Во моментот работи во областа на комуникациите и справување со лажни вести и дезинформации.

ЕЛЕНА ЗАФИРОВСКА

Елена Зафировска е дипломирана на Филолошкиот факултет во Скопје. Своите магистерски студии ги продолжува на Економскиот факултет, на студиите по менаџмент со човечки ресурси. Работи како административен асистент и службеник за протоколи во Министерството за финансии. Во здружението ЗМАИ е вклучена како истражувач. Co-founder е на првата платформа за fundraising – “Let’s fund it!” и на Старт Ап академијата.

АНА ЈОВАНОВСКА

Ана Јовановска е аналитичар за истражување на пазарот, претприемач, WEF Global Shaper и економист. Нејзиниот главен фокус е вршење на истражување во областа на пазарот на трудот. Дипломирала и магистрирала на Економскиот факултет во Скопје. Таа има професионална кариера во банкарскиот сектор и во областа на сметководството.

МАРКО ГЕОРГИЕВСКИ

Марко Георгиевски  е дипломиран економист со 10 годишно искуство во водење бизнис во областа на угостителството, логистиката и консалтинг. Веќе 7 години работи како ментор на старт ап компании, преку СтартАп Академијата на која е ко-основач од 2013 година. Во моментов е сопственик на бизнис во областа на транспортот и логистиката.

АНАСТАЗИЈА ПАНЕВА-ПИСАРЕВА-НИКОЛИЌ

Дипломиран антрополог, граѓански активист и истражувач во областите на добро управување, владеење и развој на демократија. Повеќе од 20 години работи во граѓанскиот сектор на теми поврзани со финансиска и проектна одржливост и независност на организациите, како и со организирање на интерни и технички процедури внатре во граѓанските организации. Во јануари 2023 година се приклучи на тимот на ЗМАИ.

ДУШАН БОСИЉАНОВ

Душан Босиљанов е докторант по деловно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Душан бил ангажиран и како наставно-научен соработник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Правен факултет „Јустинијан Први“ Скопје, Катедра за трговско право и трудово право во периодот 2013-2017 година. Во моментов работи за една од најдобрите старт-ап компании во Германија во ИТ и угостителската индустрија. главно се занимава со истражување и документирање на правни и даночни барања за различни јурисдикции.

ИГОР МОЈАНОСКИ

Игор Мојаноски е правен аналитичар. Во неговиот досегашен ангажман работел како адвокат во сопствена адвокатска канцеларија, а има работно искуство во работа на проекти со фокус на правните аспекти. Неговата потесна област на специјализација е деловното право, во кое се стекнал со звање магистер по правни науки.

МАРИЈА РАДЕСКА ЃУКИЌ

Марија Радеска Ѓукиќ, аналитичар на податоци во ЗМАИ, со долгогодишно искуство во медицината, животната средина и невладини организации. Со диплома по шумарско инженерство, таа се фокусира за собирање и организирање податоци. Марија, исто така, учествува во анкети и фокус групи за да помогне во подобрувањето на проектите.

ЦАНЕ МОЈАНОСКИ

Професор д-р. Цане Мојаноски е редовен професор на Факултетот за безбедност – Скопје по предметите Методологија на истражување, Основи на статистика, Социологија и Современи социолошки теории.

ПЕТАР ЈОЛАКОСКИ

Дипломирал на Економскиот факултет во Скопје во 2019 година. Истата година се запишува на постдипломски студии во областа на Статистиката на Економскиот факултет во Скопје и е избран за демонстратор на катедрата за Математика и статистика. Моментално работи напредна анализа на податоци и на истражувања во областа на теоријата на мрежи.

АЛЕКСАНДАР ПАРИШЕВ

Александар Паришев е дипломиран економист на отсекот Надворешна трговија. По дипломирањето се вработува во НЛБ Банка, во Сектор за работа со готовина и депо и Сектор за инвестиции, набавки и општи работи. Во 2018 година е ангажиран е како демонстратор на катедра за Надворешна трговија на Економски факултет во Скопје. Од 2020 година е и соработник во ЗМАИ. 

ПАРТНЕРИ

ДОКУМЕНТИ

Годишен извештај 2023

Годишен извештај 2023

Годишен извештај 2022

Годишен извештај 2022

Годишен извештај 2021

Годишен извештај 2021

Годишен извештај 2020

Годишен извештај 2020

Правилник за заштита од сексуално вознемирување на работното место

Правилник за заштита од сексуално вознемирување на работното место

Етички кодекс

Етички кодекс

Правилник за човечки ресурси

Правилник за човечки ресурси

Правилник за финансиско работење и внатрешна контрола

Правилник за финансиско работење и внатрешна контрола

АДРЕСА

Ул. Железничка бр. 2-7, 1000 Скопје

СЛЕДЕТЕ НЕ