Тимот на ЗМАИ во рамки на проектот за Следење на можна злоупотреба на државните ресурси, поддржан од НДИ, а финансиран од Националната фондација за демократија  (НЕД) ги презентираше наодите од првиот краток извештај дел од проектот „Користењето на државните ресурси за време на изборните процеси“. Анализата на вработувањата, консултантските услуги и другите договорни услуги се базира на јавно достапни податоци за остварени буџетски трансакции од open.finance.gov.mk за период од 2010 до 2023 година и на податоци за број на редовно вработени од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) за период од 2015 до 2023 година.

Од анализата на редовните вработувања, може да се види дека:

„Ефектот на изборните циклуси врз редовните вработувања се манифестира со задоцнување од една година по парламентарните избори.“

Сепак покрај политичките процеси на вработувањата во јавниот сектор влијаат и други движења како отселувањето, преодот на работната сила во приватниот сектор, здравствените и економските кризи и слично. Во 2023та година, се забележува значително намалување на бројот на вработени и негово враќање на нивото од 2015 и 2017 година.

На централно ниво консултанските и привремените вработувања како процент од плати и надоместоци имаат спротивни трендови зависно од политичката партија на власт.

 Кај консултантските услуги и привремените вработувања може да се види интересен тренд, имено, кај нив има промена во однос на тоа која политичка партија станува владејачка. Додека една структура ги преферирала консултантските договори, друга повеќе ангажирала вработени преку привремени вработувања. Особено интересно е движењето на другите договорни услуги со фокус на договорите на дело во периоди на промена на владејачките гарнитури.

Другите договорни услуги, поточно договорите за дело, се детерминираи од парламентарните избори во 2016 година.

Другите договорни услуги, со фокус на договорите на дело имаат најголемо покачување при промената на власта на централно ниво во 2016 година. По одреден период нивото на ваков вид на услуги драстично се намалува, а гледаме повторно зголемување при формирањето на нова влада. Можна причина е потребата од брз ангажман на договорни услуги за одредени сегменти (СЈО, Совет за јавни набавки итн.) по што ваквите услуги стануваат дел од редовното работење и се набавуваат преку соодветни буџетски ставки. Ова е очекувано ако се земе предвид дека оваа буџетска линија е предмет на најшироко толкување, па новите влади можат да ја користат за брзо ангажирање на потребните кадри за спроведување на одредени реформи, пред истите да бидат соодветно распоредени во следните државни Буџети кои ќе ги креира новата Влада.

Здружението за истражувања и анализи ЗМАИ во рамки на проектот за Следење на можна злоупотреба на државните ресурси, поддржан од НДИ, а финансиран од      Националната фондација за демократија, во текот на следната недела ќе го објави во целост првичниот преглед од анализата за вработувањата во јавниот сектор. Планиран е и детален брифинг со новинари со цел подобро доближување на јавно достапните податоци до новинарите. Во периодот пред нас се очекува формирање на нов владин кабинет и промени кај извршната власт.

Ги поздравуваме изјавите на новото парламентарно мнозинство кои одат во насока на дополнително зголемување на транспарентноста и отчетноста во финансиското работење на институциите.

Целосната анализа може да се најде на следниот линк