Како се создава добра приказна? Како се подготвува интервју? Како сложените теми за Европската Унија да станат јасни, интересни и блиски до младите?

Ова се дел од прашањата на кои младите учесници добиваат практични одговори преку проектот Youth4Growth. Проектот го спроведува Здружението за истражување и анализи ЗМАИ во соработка со УНОПС. Целта е младите подобро да го разберат процесот на европска интеграција. Но, и самите да учествуваат во разговорот. Преку истражување, новинарство и медиумска продукција, тие создаваат содржини наменети за своите врсници и за пошироката јавност.

Интересот за програмата беше голем. За само неколку дена се пријавија повеќе од 70 млади од целата земја. По процесот на селекција беа избрани 25 учесници. Од нив, 20 редовно учествуваа во работилниците, менторските сесии и продукциските активности. Работилниците се одржуваа во просториите на ЗМАИ и AdValue. Секоја од нив беше насочена кон различен дел од процесот на создавање медиумска содржина.

На работилницата за сценарио, телевизиска продукција и работа со гости, младите учеа како една идеја се претвора во јасна приказна. Подготвуваа прашања за интервју и разговараа за начинот на комуникација со соговорници. Учеа и како да ја задржат содржината точна, но истовремено интересна за публиката. Посебна работилница беше посветена на Европската Унија и Кластер 3. Учесниците се запознаа со темите што ги опфаќа овој кластер. Меѓу нив се дигиталната трансформација и медиумите, економските политики, даноците, вработувањето, претприемништвото, науката, образованието и царинската унија. Фокусот беше ставен и на пронаоѓањето точни и веродостојни информации. Младите учеа како да проверуваат извори и како европските теми да ги објаснат без сложен и административен јазик. Практичната работа продолжи со снимање и продукција. Учесниците се запознаа со работата со камера, светло и звук. Учеа како се поставува кадар, како се снима квалитетен материјал и како се избираат најдобрите делови. Дел од работилницата беше посветен и на монтажа на поткасти, видеоприлози и кратки видеа. На работилницата за дигитален маркетинг и Meta, младите учеа како содржината да стигне до вистинската публика. Разговараа за начинот на кој функционираат социјалните медиуми, за различните формати и за подготовката на рилс и други кратки содржини. Се запознаа и со основите на планирање и промоција на дигитална кампања.

Дел од учесниците директно се вклучија во снимањето на поткасти и видеоприлози. Тие помагаа во подготовката на сценаријата и тематските концепти. Учествуваа во снимањето и во изборот на најинтересните делови од разговорите. Придонесоа и во подготовката на кратки видеа за социјалните медиуми. Преку менторството, младите имаа можност да го следат целиот продукциски процес. Од првата идеја и истражувањето, до подготовката на гости, снимањето, монтажата и објавувањето на содржината. Некои од нив активно работeа заедно со продукцискиот тим.

На овој начин, младите не учат само како се создава медиумска содржина. Тие учат да поставуваат прашања, да проверуваат информации и јасно да ги пренесуваат своите идеи. Развиваат креативност, критичко размислување и тимска работа. Голем дел од заедничката работа допрва следува. Сепак, интересот, енергијата и посветеноста на учесниците веќе покажаа дека младите имаат што да кажат. Потребни им се простор, знаење и можност нивниот глас да биде слушнат.

 

 

 

 

Епизодите и работилниците во рамки на проектот Youth4Growth на „Што го врти светот?“ се реализирани со финансиска поддршка од Шведска преку проектот „Поддршка за европската интеграција на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги – УНОПС. Содржината е единствена одговорност на тимот на Здружението ЗМАИ и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Шведска и УНОПС.