Во организација на Вестминстер Фондацијата, на 13 и 14 март 2025 година во Берово се одржа дводневна работилница на тема „Јавните финансии пред предизвик: Надворешни притисоци, фискални ограничувања и улогата на царините и акцизите“. Настанот беше наменет за членовите на Комисиите за финансирање и буџет и за економски прашања, труд и енергетска политика, како и за вработените во соодветните служби во Собранието на Северна Македонија.
Работилницата ги опфати клучните прашања поврзани со јавните финансии, со фокус на законодавните и економските импликации на фискалната политика, макроекономските индикатори, како и системите на царини и акцизи во Македонија. Водечки предавачи беа Виктор Митевски, извршен директор на ЗМАИ и Јордан Симонов, експерт за царински системи, кои ги елаборираа најзначајните аспекти на овие теми преку комбинација на теоретски анализи и практични примери.
Работилницата започна со анализа на Законот за буџети и неговите новини, со особен осврт на фискалните правила, среднорочните буџетски рамки и механизмите за надзор. Виктор Митевски ги претстави основните принципи на Законот за буџети, објаснувајќи како фискалните правила влијаат врз долгорочната одржливост на јавните финансии и кои механизми Собранието може да ги користи за да го засили својот надзор врз трошењето на јавните средства. Тој ги нагласи предизвиците во имплементацијата на новите буџетски механизми, како и потребата од зголемена транспарентност и отчетност во буџетскиот процес.
Во рамки на сесијата за макроекономските индикатори, Митевски детално ги анализираше ефектите на инфлацијата, јавниот долг и каматните стапки врз буџетската рамка. Тој презентираше емпириски податоци за макроекономските трендови во Македонија, нагласувајќи ги ризиците поврзани со растот на јавниот долг и фискалните ограничувања што произлегуваат од глобалната економска нестабилност. Дополнително, тој дискутираше за механизмите за управување со јавните расходи во услови на инфлаторни притисоци и објасни како макроекономските прогнози можат да помогнат во попрецизно буџетирање и планирање на јавните приходи.
Во завршниот дел од неговите излагања, Виктор Митевски се осврна на глобалните трендови во јавните финансии и нивното влијание врз Македонија. Тој ги истакна клучните промени во меѓународната трговија и нивните импликации врз националните буџетски приходи, при што посебно внимание беше посветено на прашањето како политиките на глобалните финансиски институции ја обликуваат домашната фискална стратегија.


Скорешни коментари