Здружението ЗМАИ повеќе од 5 години работи на анализи во областа на образованието, почнувајќи од пописот на училиштата низ Македонија, па до соработката со УНИЦЕФ, Светската Банка и Министерството за образование во насока на креирање на нова формула за финансирање на образованието и подобрувањето на училишната мрежа на општините ширум државата. За нас, бројот на затворени училишта не е изненадувачки, особено доколку се земе предвид дека македонската училишна мрежа одамна е застарена и не одговара на потребните на учениците.

Еве неколку клучни наоди кои укажуваат на тоа:

  • 87% од учениците одат во 339 централни училишта, а само 13% од учениците учат во 569 подрачни училишта.
  • Во моментов државата треба да го зголеми буџетот за образование, но и да ја подобри ефикасноста на трошењето на финансиските средства наменети за образованието. Македонија одвојува помал буџет за образование како процент од БДП од земјите членки на ЕУ.
  • Постојат општини во кои се потребни повеќе училишта, но и општини каде што е потребно спојување на училишни згради и подобро искористување на постоечките училишни згради.

Во однос на бројот на наставници, имаме многу понижувачки факти. Бројот на деца по наставник континуирано се намалува, односно имаме се повеќе наставници, а се помал број на деца. Помалиот број на деца по наставник, не носи кон повисок квалитет на образованието по секоја цена, па така иако бројот на наставници се зголемува резултатите на македонските ученици континуирано се влошуваат. Мора да се работи паралелно на подобрувањето на квалитетот на образованиот кадар, но и на неговата мотивација (материјална и нематеријална) и подобрување на нивната позиција во општеството. Само мал број на општини го исполнуваат законскиот минимум од 20 деца по паралелка, најголем дел од општините имаат просек од 11-15 деца по паралелка. Нискиот број на деца во паралелка резултира со недостаток на социјализација меѓу децата, немање можност за работа во тимови и групи, но и понизок квалитет на наставата.

Руралните средини често се соочуваат со недостаток на ресурси и услуги, но преку иновативно искористување на постоечките инфраструктури може значително да се подобрат животните услови на локалното население. Пример за ова е пренамената на неискористените простории во училишни згради за различни социјални, образовни или културни активности. Таквото пренаменување не само што ги обезбедува нужните простори за локални инцијативи и потреби, детски градинки и социјални собири, туку истовремено отвора нови работни места и дава поддршка на младите семејства. Воедно, позитивните примери како тие во општините Гевгелија и Берово покажуваат дека таквите промени можат значително да придонесат кон зголемување на социјализацијата и образовниот развој на децата. Ова го подобрува квалитетот на живот во руралните средини и ја засилува општествената кохезија.

Затоа треба да се гледа реалната состојба и потребите на учениците во креирањето на подобри училишни мрежи и обезбедување на еднаков квалитет на образование за сите деца. Здружението ЗМАИ, е дел од процесот на креирање на новите предлог стандарди и нормативи за основните училишта, кои имаат за цел да обезбедат висок квалитет на училишните згради кој ќе биде на исто ниво, за секое дете, за сите ученици во државата. Време е да се гледа на образованиот систем низ призмата на потребите на учениците и обезбедување на модерно образование, по светски стандарди. Оттука, целосно се залагаме за пристап кој ќе биде прилагоден на потребите на секоја општина и ќе одговара на потребите на населението и пред се на квалитетот на образование на секој ученик.