Здружението за истражување и анализи, во рамките на проектот „Подобрување на ефикасноста на трошоците во основното и средното образование“, поддржан од УНИЦЕФ преку проектот на Светската банка за унапредување на основното образование , има потреба од ангажирање на локален/ни консултанти (архитект/ка, дизајнер/ка на ентериер и консултант/ка за животна средина).

За Здружението:

Главната цел на Здружението е да го поттикне истражувачкиот дух во Северна Македонија преку спроведување на научни истражувања кои ќе бидат достапни и разбирливи од пошироката јавност, истовремено обезбедувајќи вредни ресурси за истражувачката заедница, државните институции и донаторската заедница во земјата и странство. Генерално, работата на ЗМАИ опфаќа 5 клучни области: Добро управување, финансиска и медиумска писменост, образование, претприемништво и анализа на инвестиции. Поддршката на реформите во основното образование е еден од нашите клучни столбови. Оттука, нашите заложби и фокус се во насока на градење на јавни политики кои ќе обезбедат соодветни услови за еднаков и правичен развој на образовните процеси и можности за сите ученици низ целата земја.

Позадина:

Фискалната децентрализација овозможи управувањето на основното и средното образование да биде дадено на општините во Република Северна Македонија. Сепак, финансирањето е доминантно обезбедено со трансфери од централната власт кои се поставени според две формули – една за основно, а друга за средно образование. Откако овие трансфери ќе бидат доделени на општините, нема стандардизиран начин за обезбедување на транспарентно, правично и одржливо исплатување на средствата помеѓу јавните училишта кои се под нивна надлежност. Истовремено, постојат значителни разлики во инфраструктурниот и технолошкиот развој помеѓу основните училишта од различни општини. Оваа состојба се должи на фактот дека најголем дел од финансиите за основно образование, од централната власт, се трошат за плати на наставниците, оставајќи само мал износ за одржување, реновирање и наставни помагала и алатки. Дополнително, иако соодносот ученик/наставник се намали во последните 20 години, недостига помошен кадар кој ќе обезбеди дополнителна поддршка за сите ученици и наставници. Како резултат на тоа, ефикасноста и ефективноста на јавната потрошувачка во образованието се појавуваат како критични прашања. Поконкретно, не само што јавните средства во образованието бараат темелен преглед и подобрена распределба за да се зголеми нивната ефикасност, туку нејзината сегашна структура и трошење во голема мера влијаат на квалитетот на образованието. Оттука, овој проект има за цел да го реформира системот на финансирање на основното и средно образование преку воведување на формули кои ќе се базираат на стандарден трошок по ученик, а нееднаквата распределба на ресурси и големите разлики од аспект на услови за спроведување на наставниот процес да бидат адресирани со предлог оптимизациски планови за секоја општина и училиште.

За Проектот:

Проектот „Подобрување на ефикасноста на трошоците во основното и средното образование“ предвидува развој на предлог формули засновани на податоци и докази за финансирање на јавното основно и средно образование и механизми за оптимизација на мрежата на основните училишта. Во рамки на проектот предвидено е спроведување на: правна анализа на позитивните законски и подзаконски акти кои го уредуваат основното и средно образование, како и анализа на законската рамка поврзана со управување на човечки ресурси во образовниот систем; собирање податоци за сите основни и средни училишта; развој и анализа на различни политички, размислувања за оптимизација на мрежата на основни училишта во земјата; предлог сценарија за спроведување на оптимизацијата на училишната мрежа и проценка на нивните влијанија; подготовка на планови за оптимизација за сите општини; и подготовка на опции за реформа на формулата за распределба за трансфери во основното и средно образование. Во процесот на финализирање на аналитичката работа, ЗМАИ тесно ќе соработува со Министерството за образование и наука, канцеларијата на УНИЦЕФ и канцеларијата на Светска банка.

Опис на работниот ангажман:

1. Архитект/ка

Нормативите и стандардите за простор, опрема и наставни средства за основно училиште во Република Северна Македонија се засновани на меѓународни архитектонски стандарди кои се општо прифатени и во нашата земја. Сознанијата од досегашното истражување покажуваат дека најголем дел од училиштата не се градени според овие стандарди. Оттука, потребно е нивно соодветно ажурирање и прилагодување на состојбата во Северна Македонија и ниво усогласување со сите останати процеси кои се врзани со процесот на подобрување на ефикасноста во трошењето на основните и средните училишта. Архитектот/ката ќе има основна задача да ги ажурира и соодветно да ги прилагоди стандардите за простор, опрема и наставни средства во основните училишта и да спроведе соодветна анализа на влијание на инфраструктурните инвестиции кои се потребни во основните училишта со цел прилагодување кон стандардите и нормативите во земјава. Истовремено, ќе спроведе анализа на оцена на влијанието од архитектонски аспект на сценаријата за оптимизација на училишната мрежа. Дополнително, Архитектот/ката ќе подготви иницијална проценка и пресметка на потребните финансиски средства (предмер пресметка) за доградба и/или прилагодување на дополнителен училиштен простор.

1.1 Задачи

– Подготовка на проценка на влијание (од аспект на градежни активности, сложеност на зафати, временски рок на нивна реализација, напомена за различни карактеристики на терен, безбедносни стандарди итн)  на трите основни типа на оптимизациски активности: надградба на постоен објект, изградба на нов или придружен објект и реновирање на постоечки капацитети;

– Подготовка на предмер пресметки за модалитети за доградба/адаптација кај трите основни типа на оптимизациски активности, согласно просторните и градежните услови во основните училишта (потребно е да се утврди и приближен временски период за предвидените инвестициони проекти по типот на активност); и

– Во соработка со другите експерти да придонесе во подготовка на предлог за ревидирање на стандардите за основните училишта во согласност со законот за основно образование, нормативите и стандардите за основно образование, новиот концепт на основно образование, новата формула за распределба на блок дотации и планот за оптимизација.

1.2 Потребни квалификации

  • Завршено високо образование од областа на архитектурата или други сродни области (повисок степен на образование – магистерски или докторски студии во областа се пожелни);
  • Најмалку 12 години релевантно професионално искуство;
  • Најмалку 5 години искуство во подготовка на анализи за техничко влијание на инвестиции и/или изработка на предсметки и други видови проценки за потребни финансиски средства за изградба/реконструкција/адаптација на јавни нестанбени згради (особено инвестиции во образовни згради);
  • Искуство во работење со владини институции на централно и локално ниво;
  • Одлично познавање и практична примена на правната рамка поврзана со јавните инвестиции; и
  • Активно познавање на англиски јазик.

Вкупен број на работни денови: 25

2. Дизајнер/ка на ентериер

Постоечките нормативи и стандарди за простор, опрема и наставни средства за основно училиште во Република Северна Македонија ги опфаќаат основните просторни карактеристики на основните училишта во земјата, но тие не содржат графички прикази на просторите или соодветни архитектонски скици за распоредот на ентериерот во училиштата, што е воспоставена меѓународна пракса. Оттука, основната задача на дизајнерот/ката на ентериер ќе биде надополнување на нормативите и стандардите со соодветни графички и 3Д прикази на изгледот на училишните простории и распоред на ентериерот. Дополнително, за потребите на оптимизациските планови, Дизајнерот/ката ќе изработи пресметки на потребниот инвентар, предвиден со нормативите и стандардите.

2.1 Задачи

– Подготовка на пресметки за неопходен ентериер за училишни простории; и

– Подготовка на скици, графички прикази и 3Д дизајн на училишни простории според нормативите и стандардите.

2.2 Потребни квалификации

  • Завршено високо образование од областа на архитектурата, внатрешен дизајн или други сродни области (повисок степен на образование – магистерски или докторски студии во областа се пожелни);
  • Најмалку 7 години релевантно професионално искуство;
  • Најмалку 5 години искуство во подготовка на нацрти за внатрешно уредување на простори (особено искуство во нацрти за образовни или деловни објекти);
  • Искуство во работење со владини институции на централно и локално ниво;
  • Одлично познавање и практична примена на правната рамка поврзана со јавните инвестиции; и
  • Активно познавање на англиски јазик.

Вкупен број на работни денови: 12

3. Консултант/ка за животна средина

Оптимизациските активности ќе предизвикаат одредено влијание врз животната средина. Оттука, една од основните задачи на консултантот/ката за животна средина ќе биде одредување на степенот на влијание на оптимизациските активности (посебна анализа за секој од основните типови на оптимизациски активности) врз животната средина. Дополнително, имајќи ја предвид се поголемата важност на енергетската ефикасност, особено на образовните објекти, консултантот/ката ќе подготви предлог за дополнување на нормативите и стандардите за основните училишта во нова глава посветена на енергетската ефикасност.

3.1 Задачи

– Подготовка на анализа за проценка на влијанието од аспект на животната средина (посебна анализа за секој од основните три типа на оптимизација следејќи ja политиката на Светска Банка за животна средина и социјални прашања);

– Надополнување на нормативите и стандардите за основните училишта со нова глава посветена на стандарди за заштита на животната средина.

3.2 Потребни квалификации

  • Завршено високо образование од областа на заштита на животната средина (повисок степен на образование – магистерски или докторски студии во областа се пожелни);
  • Најмалку 12 години професионално искуство;
  • Најмалку 5 години професионално искуство во дизајнирање анализи за оцена на влијанието врз животната средина;
  • Искуство во работа со владини институции на централно и локално ниво;
  • Одлично познавање на клучните закони релевантни за доделената задача; и
  • Течно познавање на англиски јазик.

Вкупен број на работни денови: 22 денови

Насоки за аплицирање:

Заинтересираните кандидати може да аплицираат како индивидуални консултанти за секоја од наведените позиции .

Потребни документи за аплицирање на повикот се:

  • CV (Кратка биографија на кандидатот/ката со вклучена референтна листа на релевантни проекти)
  • Финансиска понуда (искажана во побаруван бруто надоместок за предвидените работни денови за секој експерт).

Критериуми за оценување на поднесените понуди:

Пристигнатите понуди ќе бидат бодувани на следниот начин:

  • Квалификации на понудените експерти – 60%
  • Финансиска понуда – 40%

Заинтересираните кандидати треба да ги прикачат потребните документи (CV и финансиска понуда) на e-mail адресата: contact@zmai.mk, најдоцна до 21.03.2022 година, до 17 часот, со назнаката: “Апликација за (вашата експертиза) експерт – Име и презиме”.

Здружението за истражување и анализи ЗМАИ работи посветено на промоција на различностите и создавање на еднакви услови на работното место и гарантира дека сите кандидати ќе имаат исти можности при изборот, без оглед на етничката припадност, родовата идентификација, сексуалната определба, возраста, брачниот статус, социо-економскиот статус, попреченоста или било кој друг основ.

Здружението за истражување и анализи ЗМАИ не толерира однесувања кои се спротивни на целите на здружението, вклучувајќи и сексуална експлоатација и злоупотреба, дискриминација и сексуално вознемирување на работното место.

Доколку вашата апликација успешно ја помине фазата на евалуација и влезете во потесниот круг на кандидати, ќе бидете повикани на интервју. Апликациите кои се некомплетни или доставени по истек на рокот нема да бидат понатамошно разгледувани.

Во случај на дополнителни прашања поврзани со процесот на аплицирање и евалуација, ве замолуваме да нè контактирате на следната e-mail адреса: contact@zmai.mk.