На 20 октомври 2025 година, на Светскиот ден на статистиката, Здружението за истражување и анализа ЗМАИ, во соработка со Виенскиот институт за меѓународни економски студии (WIIW) и Think Europe, со поддршка од OSF–Western Balkans, одржа меѓународен настан во InnoX – Innovation Center посветен на економското, социјалното и институционалното приближување кон Европската унија, со фокус на Северна Македонија. Настанот опфати презентација на анализа за конвергенцијата на земјите од Западен Балкан кон ЕУ и модерирана панел-дискусија.
Главната порака на настанот беше дека конвергенцијата треба да се мери преку реални показатели за квалитет на живеење и институционален квалитет, а не само преку формални чекори во интеграцијата. Преку композитни индикатори беа прикажани перформансите по области – економија, социјална димензија, здравство, образование, владеење, животна средина и инфраструктура, со јасно укажување каде напредокот е најбрз, а каде заостанува. Според последните пресметки на иницијативата, при сценарио на статус-кво, на Северна Македонија би ѝ биле потребни приближно 59 години за да го достигне просекот на ЕУ во доменот „економија“, додека дигиталната трансформација се издвојува како област со околу 75 проценти од нивото на ЕУ и потенцијал за побрзо затворање на јазот. Паралелно, беше нагласено дека во поединечни области, особено образование и животна средина, без забрзани реформи ќе бидат потребни децении за да се фати европскиот чекор.
Како одговор на овие наоди, беа презентирани „што-ако“ сценарија за забрзување на конвергенцијата: полноправно членство во ЕУ, пристап до кохезионите фондови, поетапен пристап до единствениот европски пазар и спроведување на длабоки институционални реформи. Сценаријата се преведени во приоритети по области со временски хоризонти и мерливи индикатори, насочени кон унапредување на човечкиот капитал, примарната и превентивната здравствена грижа, квалитетот на воздухот, дигитализацијата на јавните услуги и забрзување на клучните сообраќајни и енергетски врски. Исходите од настанот вклучуваат валидирана рамка за следење на напредокот.







Скорешни коментари