Во чест на истражувачкиот дух и човечката доблест на нашата колешка и соосновачка Славица Тодоровска – Цаци, ЗМАИ го објавува годинешниот повик за Наградата за млади квантитативни умови. Нашата Цаци, беше прекрасна личност која сакаше да учи нови работи, да зема учество во позитивни промени, да влијае на подобрување на општеството, а најважно од се беше вистинска другарка. Во чест на се што таа претставува за нас, сакаме да и оддадеме почит и да ја одржиме во живот нејзината идеја за подобро утре. Преку овој конкурс ќе се зачува нејзиниот визионерски поглед за подобра иднина, инспирирајќи иновативно размислување и истражување меѓу младите.

И оваа година покровител на наградата е Стопанска Банка АД Скопје. Поддршката од страна на Стопанска Банка е од особено значење бидејќи Цаци ја градеше својата кариера во оваа институција. Со ова партнерство, Стопанска банка дополнително ја засилува врската со младите таленти и ја нагласува важноста на инвестициите во иднината на нашата заедница.

Годинешната награда ќе биде доделена на истражувачки есеј на една од следниве теми:

  • Миграцијата на работната сила од Македонија: причини, последици и политики за задржување/враќање на младите

Очекуван фокус: клучни „push/pull“ фактори; ефекти врз пазарот на труд и продуктивност; минимална vs. достојна плата; реални политики за задржување и реинтеграција; референтни искуства од регионот.

  • Пазарот на недвижности: зошто растат цените и што значи тоа за младите?

Очекуван фокус: двигатели на цените (понуда/побарувачка, регулатива, трошоци); нееднаквост во пристапноста до финансирање; изнајмување vs. Купување; улогата банкарскиот сектор во хипотекарното кредитирање.

  • Вештачка интелигенција и македонската економија: импликации за продуктивност, работни места и финансискиот сектор

Очекуван фокус: како ВИ ја менува продуктивноста и структурата на фирмите; ефекти врз квалификациите/платите; клучни трансформации во финтек/банкарство; достапност и опсег на ВИ.

Есејот може да биде на македонски или на англиски јазик

Критериуми за аплицирање:

  • Право на учество имаат државјани на РС Македонија на возраст до 35 години (вклучително);
  • Кандидатите не смеат да бидат добитници на награда во претходните циклуси;
  • Есеите мора да бидат лични и оригинални, со квантитативни елементи (податоци/методологија/анализа) и со должина помеѓу 1.200 – 1.800 зборови (табели/слики и библиографија не се вклучени во бројот на зборови);
  • Не е дозволено користење на алати за вештачка интелигенција при пишување; прекршувањето на ова правило ќе носи дисквалификација.

Процес на Аплицирање:

  • Поднесување: Кандидатите мора да го поднесат својот труд заедно со својата биографија преку онлајн апликациска форма.
  • Оценување: Комисија од експерти ќе ги прегледаат поднесоците врз основа на оригиналност, методологија и практична релевантност.
  • Селекција: Најдобрите кандидати ќе бидат избрани од страна на независна комисија според однапред одредени критериуми
  • Доделување на наградата: Победникот ќе биде објавен за време на годишниот настан на ЗМАИ.

Временска рамка:

  • 9 септември 2025 – објава на јавниот повик;
  • 10 октомври 2025 – краен рок за доставување на есеите;
  • 10–19 октомври 2025 – евалуација и избор на победнички есеј;
  • 20 октомври 2025 – доделување на наградите во рамки на прославата на роденденот на ЗМАИ

Награда и покровителство

  • Главна награда: 61.500 денари
  • Обезбедена од: Стопанска банка АД Скопје

Важна напомена:

Комисијата го задржува правото да не избере трудови кои ќе бидат наградени доколку оцени дека ниту еден есеј не ги исполнува критериумите. Во тој случај ЗМАИ ќе го поништи конкурсот.