Нашата колешка Марија Радеска Ѓукиќ ја доби стипендијата „Борис Трајковски“ за академската 2024/2025 година на 20 најдобри студенти кои своето образование ќе го продолжат на Eвропскиот кампус на Универзитетот Јорк, СИТИ КОЛЕЏ во Солун, Грција.
Радеска Ѓукиќ аплицираше за МБА програма за менаџмент на проекти во областа на здравството. Таа доаѓа во тимот на ЗМАИ како член на проектниот тим и истражувач, а последната години се занимава и со проектно координирање. Марија има интересен и возбудлив кариерен развој. По завршувањето на средното медицинско училиште, таа се запишува на Факултетот за шумарство, пејзажна архитектура и еко-инженеринг на кој се стекнува со звање шумарски инженер. Сепак, одлучува да се врати на својата прва љубов – медицината работејќи како медицинска сестра на повеќе државни и приватни клиники, за оваа потреба завршува и Факултет за медицински сестри и техничари на Медицинскиот факултет при УКИМ. По долги години во здравствениот систем, но и во невладиниот сектор како поддршка на најразлични програми за грижа за женското здравје, Марија станува дел од тимот на ЗМАИ. Благодарение на нејзината посветеност, брзо приспособување и посветено учење, успева успешно да работи на проекти од различни области поврзани со доброто управување, циркуларна економија и шумарството. Сепак, сонот на Марија е да го подобрува системот од кој и самата била дел, а тоа е здравствениот систем преку проекти кои ќе ги спроведе заедно со ЗМАИ, а кои ќе имаат за цел да го подобрат менаџирањето на здравствените процеси. Таа аплицира за стипендијата „Борис Трајковски“, која ја доделува кабинетот на Претседателката на република Северна Македонија, и по вториот обид ја добива стипендијата за студирање на еден од подобрите европски универзитети во регионот.
Тимот на Здружението ЗМАИ ќе продолжи да ја поддржува нашата колешка во нејзините кариерни цели и да се радува на нејзините академски успеси и достигнувања.
Фотографијата е преземена од официјалната Фејсбук страна на Претседателката Гордана Силјановска Давкова.
Скорешни коментари