Дали си на возраст до 30 години и имаш идеја за истражување во некоја од понудените области поврзани со младите во Македонија, за која податоците можат да дадат одговор?
За пријавување не е потребен готов труд!
Потребно е да ни испратиш краток апстракт до 250 зборови во кој ќе ја претставиш твојата идеја за потенцијалното истражување. До 10 кандидати ќе бидат избрани за финалната фаза и во текот на еден месец, со менторска поддршка, ќе ја развијат идејата во истражувачки есеј од 1.500 до 1.800 зборови.
Најдобриот труд ќе ја освои Наградата за млади квантитативни умови „Славица Тодоровска – Цаци“ и парична награда од 1.000 евра.
Наградата е создадена во чест на нашата другарка и соосновачка Славица Тодоровска – Цаци, како потсетник на сè што таа значеше за нас, а особено на нејзиниот истражувачки дух, љубопитноста, посветеноста и човечката доблест. Цаци веруваше дека младите и нивното знаење ќе го сменат општеството на подобро. Со наградата сакаме да ја продолжиме токму таа идеја – да им дадеме простор на младите да поставуваат важни прашања и да бараат одговори во податоците.
Што бараме да содржи апстрактот?
Бараме јасно истражувачко прашање, добра идеја како да го истражиш и податоци со кои ќе можеш да ја провериш и поткрепиш твојата претпоставка.
Во поднесениот апстракт не очекуваме да имаш завршено истражување, ниту да ги имаш сите одговори. Очекуваме да знаеш што сакаш да истражиш, зошто тоа е важно и на кој начин би можел/а да го провериш со податоци. Апстрактот треба да ги содржи токму одговорите на овие прашања. Кандидатите сами го определуваат конкретното истражувачко прашање/проблем во рамките на една од трите тематски области.
Избраните финалисти ќе треба да поднесат истражување кое е релевантно за Македонија и се заснова на квантитативна анализа со достапни и проверливи податоци.
Избери една од трите тематски области
- Младински стандард и економска независност
Економската независност е еден од клучните предуслови за младите да можат самостојно да ги планираат своите животни избори и својата иднина. Таа не се однесува само на висината на приходите, туку и на можноста тие приходи да обезбедат пристоен животен стандард, сигурност, пристап до домување и простор за долгорочно финансиско планирање.
Оваа област ги опфаќа економските услови во кои живеат младите во Македонија и начинот на кој тие услови се поврзани со нивниот премин кон самостоен живот. Во фокусот може да бидат животниот стандард, приходите и трошоците, пристапот до домување и финансии, штедењето и задолжувањето, како и пошироките економски промени што влијаат врз положбата на младите.
Економската положба може да има влијание и врз многу пошироки животни одлуки – кога и дали младите го напуштаат родителскиот дом, каде живеат, како ја планираат својата иднина и какви можности имаат за создавање финансиска сигурност. Истовремено, искуството на младите не е еднакво и може значително да се разликува во зависност од возраста, местото на живеење, образованието, вработеноста и други социјални и економски околности.
- Формалното образование и можностите со вештачката интелигенција
Образованието има клучна улога во тоа какви знаења, вештини и можности ќе имаат младите во понатамошниот живот. Во услови на брз технолошки развој, оваа улога станува уште поважна, бидејќи начинот на кој учиме, работиме и пристапуваме до информации се менува со сè поголема брзина.
Оваа област ги опфаќа квалитетот и достапноста на формалното образование, образовните постигнувања и вештините на младите, начинот на финансирање на образованието, како и разликите што можат да постојат меѓу различни училишта, општини, региони или образовни програми. Простор за истражување има и во тоа колку образовниот систем им овозможува на младите да стекнат практични, дигитални, аналитички и други вештини што ќе им бидат потребни во понатамошното образование и на пазарот на труд.
Развојот на вештачката интелигенција дополнително го менува контекстот во кој функционира образованието. Алатките базирани на ВИ овозможуваат брз пристап до информации, персонализирана поддршка при учење, анализа и создавање содржини, но истовремено го отвораат прашањето за тоа како треба да се развиваат знаењата и вештините на младите во средина во која технологијата презема дел од задачите што досега ги извршувале луѓето.
Темата создава простор да се разгледа односот меѓу формалното образование, новите технологии и идните можности на младите.
- Менталното здравје и дигиталниот свет
Начинот на кој младите комуницираат, учат, се информираат, се забавуваат и ги градат своите односи денес е силно поврзан со дигиталниот свет. Социјалните мрежи, мобилните телефони, онлајн платформите и постојаната достапност на информации создаваат нови можности за поврзување и пристап до знаење, но истовремено го менуваат секојдневниот ритам, начинот на комуникација и границата меѓу онлајн и офлајн животот.
Во оваа област, менталното здравје може да се разгледува пошироко од индивидуалното чувство на задоволство или незадоволство. Благосостојбата на младите е поврзана со нивните навики, социјалните односи, чувството на припадност и сигурност, образовните и работните обврски, физичката активност, одморот и квалитетот на секојдневниот живот. Дигиталните технологии можат да бидат дел од сите овие процеси и нивното влијание не мора да биде еднакво за сите млади.
Во склоп на темата можно е да се истражува како различните начини на користење на дигиталните технологии се поврзуваат со благосостојбата, навиките и однесувањето на младите. Истовремено, може да се разгледуваат и пошироките разлики меѓу младите според нивната возраст, средината во која живеат, образованието, економската положба или пристапот до поддршка и услуги. Дигиталниот простор може да биде извор на притисок и преоптовареност, но и простор за комуникација, поддршка, информирање и создавање заедници.
Целта не е однапред да се претпостави дека технологијата има позитивно или негативно влијание врз младите. Наместо тоа, кандидатите треба да препознаат конкретен проблем или појава во рамки на оваа област и преку податоци да испитаат какви обрасци, разлики и поврзаности постојат. На тој начин, личните впечатоци и општите претпоставки можат да се претворат во истражувачко прашање што може да се анализира и аргументира со докази.
Како изгледа конкурсот?
Конкурсот се одвива во две фази.
Прва фаза – апстракт
До 6 септември 2026 година испрати апстракт од најмногу 250 зборови.
Во него треба кратко да објасниш:
кое прашање сакаш да го истражиш; зошто сметаш дека е важно; кои податоци планираш да ги користиш или каде би можел/а да ги најдеш; и како приближно би го анализирал/а прашањето.
Не очекуваме целосно разработена методологија. Поважно е идејата да биде јасна, релевантна и изводлива.
Кон пријавата се доставува и кратка биографија и потребните изјави.
Втора фаза – од идеја до истражување
Од пристигнатите апстракти ќе бидат избрани до 10 финалисти.
Финалистите ќе учествуваат на почетна работна сесија и во текот на следниот месец ќе имаат менторска поддршка и консултации за да ја претворат почетната идеја во квалитетен истражувачки есеј.
Не бараме кандидатите да знаат сè уште на почетокот. Целта на менторството е да им помогне подобро да го дефинираат прашањето, да ги изберат и обработат податоците, да ја подобрат анализата и јасно да ги претстават резултатите.
Финалниот есеј треба да има од 1.500 до 1.800 зборови, да биде напишан на македонски јазик и да содржи квантитативна анализа.
Рокот за финалниот есеј е 12 октомври 2026 година.
Кој може да учествува?
Право на учество имаат државјани на Македонија на возраст од 18 до 30 години, кои можат да се пријават индивидуално или како авторски тим составен од најмногу две лица.
Секој кандидат може да учествува со само една пријава и мора да биде автор и на предложената идеја и на финалното истражување. Кандидатите што се пријавуваат како тим не можат истовремено да поднесат и индивидуална пријава.
Апстрактот и финалниот истражувачки есеј мора да бидат оригинални авторски дела. Доколку при нивната подготовка се користат алатки базирани на генеративна вештачка интелигенција, нивната употреба мора јасно да биде наведена. Организаторот го задржува правото да изврши проверка на пријавените трудови. Без оглед на користените алатки, авторот останува целосно одговорен за изборот и точноста на податоците, спроведената анализа, интерпретацијата на резултатите и изведените заклучоци.
Добитниците на наградата од претходните години немаат право на повторно учество на конкурсот.
Како ќе ги избереме финалистите и победникот?
Во првата фаза, независна комисија ќе ги разгледува апстрактите според јасноста и оригиналноста на истражувачкото прашање, релевантноста на темата, можноста прашањето да се анализира со податоци и изводливоста на предложеното истражување.
Во финалната фаза, есеите ќе се оценуваат според тоа колку добро е спроведена квантитативната анализа, дали избраните податоци се релевантни и квалитетни, колку јасно и аргументирано се толкуваат добиените резултати и дали заклучоците произлегуваат од анализата. Ќе се вреднуваат и оригиналноста на пристапот, јасноста на истражувачката идеја и практичната релевантност на наодите, односно нивниот потенцијал да придонесат за подобро разбирање на прашањето што се истражува.
Потенцираме дека не бараме комплицирана анализа полна со податоци. Бараме, добро поставено прашање, соодветни податоци и јасно објаснет резултат. Тие се поважни од непотребно сложена методологија или прикажување на податоци во табели или графикони без толкување или контекст.
Важни датуми:
6 септември 2026 – рок за поднесување на апстрактите
9 септември 2026 – избор и известување на финалистите
15 септември 2026 – работна сесија со избраните финалисти
12 октомври 2026 – рок за поднесување на финалните истражувачки есеи
20 октомври 2026 – објавување на добитникот
Награда
Авторот на најдобриот истражувачки есеј ќе ја освои Наградата за млади квантитативни умови „Славица Тодоровска – Цаци“ 2026 и парична награда од 1.000 евра.
Финалните трудови ќе бидат објавени од страна на ЗМАИ во заедничка публикација.
🥇Наградата и оваа година е обезбедена од Стопанска Банка АД Скопје.
Како да аплицираш?
Поднеси го својот апстракт од најмногу 250 зборови и кратка биографија преку онлајн апликациската форма:
За дополнителни информации: contact@zmai.mk
Комисијата го задржува правото да не ја додели наградата доколку оцени дека ниту еден од финалните трудови не ги исполнува потребните стандарди за квалитет.
Скорешни коментари