На 11 септември се одржа настан на тема: „Образование водено од реалните потреби на учениците – паметно инвестирање во наставниот кадар и инфраструктура“. Настанот го отворија министерката за образование и наука – Весна Јаневска, претставничката на УНИЦЕФ во земјата – Лесли Милер и извршниот директор на ЗМАИ Виктор Митевски. Целта на настанот беше да се поттикне стручна дискусија за тоа како да се обезбеди поефикасен и поефективен образовен систем кој ќе овозможи да се подобрат постигнувањата на учениците.

 

На панел дискусијата учествуваа претседателот на ЗЕЛС и градоначалникот на Кисела Вода – Орце Ѓорѓиевски, како и други експерти и практичари.

 

Министерката Јаневска во своето обраќање зборуваше за заложбата на министерството да обезбеди образование фокусирано на учениците. Според неа системот мора да се прилагодува на моменталните демографски движења.

„ Во училиштата што имаат две, три или десет деца, ќе треба учениците да се припојат на централните училишта со повеќе ученици за и тие да имаат пристап до квалитетно образование. Тоа ќе овозможи да се социјализираат со ученици од своја возраст, да се сместат во подобри инфраструктурни услови, да имаат подобри информатички и технички средства за користење, да имаат поголем број на наставници, да се издвојат од средината каде се заробени по цел ден и да се дружат со деца а со тоа да можат да развијат и компетитивни способности. Тоа значи дека очекуваме овој процес да им овозможи на учениците стекнување подобри знаења, вештини и компетенции. Нема подобрување на образованието ако не се рационализираат трошоците“

 

На настанот се обрати и претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер која истакна:

“Не е новост дека земјата минува низ образовна криза. Има многу фактори што придонесуваат за оваа криза во учењето вклучувајќи ги недоволното време поминато во учење во основното и предучилишно образование, бројот и распределбата на наставници и расположивите ресурси за квалитетно учење. Ситуацијата налага да го преиспитаме начинот на кој ги користиме нашите ресурси во три критични области: училишната инфраструктура, човечките ресурси и финансирање на образованието. Можеме да направиме значителни подобрувања, но сепак треба да ги усогласиме ресурсите за да одговараат на демографската реалност. Така, ќе може да се справиме со предизвиците, да го оствариме правото на децата на квалитетно и инклузивно образование и да изградиме образовен систем што обезбедува развој на човечкиот капитал и економска конкурентност.“

 

Според директорот на ЗМАИ, Виктор Митевски, потребно ни е образование кое е фокусирано на децата. Децата, независно од местото на живеење треба да учат во исти услови и да имаат еднакви можности за напредок и развој.

„Како земја треба да обезбедуваме повеќе средства за образование и детски развој. Во моментов одвојуваме недоволно и немаме стандардизиран систем на трошење кој одговара на вистинските потреби за образование. Верувам дека денеска сме тука токму за тоа, да разговараме за иднината на образованието и како истото да одговори на образовните потреби на сите деца.“ – додаде, Митевски.

 

По обраќањата следеше панел дискусија на која свои ставови и препораки дадоа панелистите:

 

  • Г. Орце Ѓорѓиевски – претседател на ЗЕЛС
  • Г-а Елена Ивановска – државен секретар во Министерство за образование и наука
  • Г-а Вера Кондиќ Митровска – специјалистка за образование, УНИЦЕФ
  • Проф. д-р Емиљ Сулејмани – професор и поранешен декан на Педагошкиот факултет

На панел дискусијата беа опфатени четири главни сегменти:

 

  • Ставовите на учениците, родителите и наставниците и директорите како и очекувањата за подобро образование, според консултациите спроведени во 10 општини низ државата.
  • Училишната инфраструктура и можностите за подобрување на училишната мрежа.
  • Наставниот кадар и можностите за унапредување и проширување на компетенциите на наставниците.
  • Финансирањето на образованието од гледна точка на единиците на локална самоуправа и потребата за нов пристап во пресметувањето на блок дотациите.

 

Панелистите дадоа конкретни препораки во која насока и како би можеле да се подобрат условите. Според сите, има простор за подобрување на системот во насока на модернизација на училиштата, формирање на соодветни паралелки и обезбедување на доквалификација на наставниот кадар, подобрување на училишната мрежа и финансирањето на основното образование. Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека заедниците на локална самоуправа имаат сериозна потреба од подобро финансирање на образованието со цел да се обезбеди и подобра распределба на средствата до училиштата.

 

“Како претседател на ЗЕЛС можам да кажам дека сум среќен што организациите кои работат на процесите на финансирање и на подобрување на образованието ги вклучија општините во дискусијата. Ние даваме силна поддршка за воведување на новата методологија за финансирање на образованието кое би се финансирало според ученик. Само така, ќе можеме да финансираме сè што е потребно за учениците,“ додаде Ѓорѓиевски

 

По панел дискусијата следеше поширока дебата со присутните на која се покренаа клучни прашања за образовниот систем. Експертската јавност присутна на настанот заедно со носителите на одлуки се сложија дека во периодот кој следи образованието мора да биде еден од клучните приоритети.