Речиси 26.5 милиони евра до државниот буџет одат на сметките на политичките партии. Во 2018 година вкупната сума која треба да се троши за оваа намена беше зголемена од 0,06% на 0,15% од изворните приходи на буџетот или за 150%. Целта на зголемувањето беше да се намалат средствата од донации кон партиите кои се поврзуваат со корупција. Дали овој чекор е правилен или не? Одговорот е дека чекорот е правилен доколку се оствари целта, но таа не е остварена. Главниот начин да се изврши притисок за добро работење на партиите со парите на граѓаните е од нив да се бара целосна транспарентност. Граѓанскиот сектор и медиумите можат да го извршат тој притисок само доколку имаат пристап до информации за финансиското работење на партиите. Не е доволно податоците да бидат само објавени, тие треба да бидат лесно достапни, разбирливи и во отворен формат. Само на овој начин истите можат соодветно да бидат следени од пошироката јавност.

 

  • Не постои механизам со кој јавноста и институциите ќе можат да ги верификуваат информациите кои се дадени во извештаите. На пример, доколку сте политичка партија и имате обврска да ги објавувате донациите и лицата кои ги направиле, не постои механизам со кој може да провериме дека лицата кои се наведени на тие листа се вистинските донатори и дали се навистина членови кои платиле членарина во политичките партии.

 

Финансиите се неопходни за функционирање на партиите, кои се составен дел од секоја демократска држава. Со тоа нивното финансирање е оправдано, но за истото мора да даваат отчет.  Доколку партиите користат буџетски пари, тие треба да даваат целосно оправдување за нивните приходи и трошења. Оттука произлегува прашањето: Дали и колку финансирањето на партиите е транспарентно и колку се тие отчетни кон надлежните институции? Според истражувањето на ЗМАИ, многу малку.

 

Според анализата изработена од ЗМАИ за транспарентноста на партиските финансии , само 2 од 51 анализиран извештај на државната ревизија за партиите во периодот 2021-2021 имаат позитивно мислење. Најголем дел од извештаите имаат мислење со резерва. Она кое загрижува е дека партиите ретко постапуваат по овие извештаи. Па така, во анализата на ЗМАИ се истакнува дека „ ако се направи еден детален преглед на ревизорските извештаи за политичките партии во периодот од 2012 до 2021 година, се добива впечаток дека партиите речиси и не постапуваат по забелешките на ревизорите, што, пак, алудира на фактот дека против нив речиси и да не се поведуваат постапки. “

 

  • За жал, во пракса се покажува дека многу малку се постапува тоа (по наодите од ревизиите), ниту пак како јавност имаме контрола врз тоа што всушност партиите направиле и дали постапиле по забелешките од јавниот ревизор. – изјави Виктор Митевски во неговата изјава за емисијата 360 степени.

 

Освен државните ревизори, надлежност за финансирањето на партиите има и Државната комисија за спречување на корупција и јавното обвинителство. Но, според Митевски, проблем се и пречките во синџирот на комуникација, како и неможноста соодветно да се постапи по наодите.

 

  • Тој триаголник (на контрола) не можеме да речеме дека совршено функционира во пракса. Од друга страна, државниот ревизор може само да констатира (неправилности). ДКСК има одредени надлежности и да постапи по истите. Сепак, треба да се најдат многу поефикасни алатки и прекршочни одредби со кои ќе може и на самото место, кога ќе се увидат одредени недостатоци овие институции да постапат. -изјавува тој.

 

Темата за финансирање на партиите беше и е во фокусот веќе подолго време, но дали ќе видиме конкретна промена зависи од притисокот кој и во иднина ќе се врши од страна на граѓанскиот сектор, институциите и медиумите.

Двете емисии на 360 степени на овие теми и целосните изјави на претседателот на ЗМАИ може да ги најдете во продолжение:

 

https://www.youtube.com/watch?v=9i4vgPyjcuE

 

Повеќе на оваа тема може да дознаете од објавите и анализите на ЗМАИ и ФООМ:

 

  • Дали правото владее во ревизорските извештаи на државниот завод за ревизија? https://cutt.ly/yG5udWm
  • Добри европски партии за следење и контрола на финансиското работење на политичките партии. https://cutt.ly/8G5uh4o
  • Добри практики за презентација на финансиски податоци на партии и кандидати. https://cutt.ly/yG5ulNb
  • Колку политичките партии се придржуваат до законските обврски за финансиска транспарентност? https://cutt.ly/pG5y8XQ
  • Норми и практики за финансирање на политичките партии. https://cutt.ly/OG5y0uy