Здружението ЗМАИ одржа презентација на Индексот за отвореност на општините за 2023 година, каде беа презентирани резултатите. Ова е прва година кога една од општината имаше сеопфатна отвореност со 80 поени, а тоа е општина Берово. На градоначалникот, Звонко Пекевски му беше доделен сертификат за сеопфатна отвореност, како признание за работата во оваа област.

Извештајот ја анализира состојбата во 80 општини и градот Скопје, при што просечната вредност на индексот за 2023 година изнесува 37,4 поени, што укажува на значителен простор за подобрување на отвореноста на општините. Најголемиот дел од општините покажуваат минимална или недоволна отвореност на буџетските процеси, со што јасно се укажува на потребата од континуирани напори за подобрување на нивната транспарентност и отчетност.

Виктор Митевски, извршниот директор на ЗМАИ истакна дека позитивно е дека имаме напредок на ниво на сите измерени димензии, но сепак напредокот не е доволен.

„Она што секогаш не изненадува е ниското ниво на вклученост и правичност во буџетскиот процес на општините. Потребно е граѓаните да го гледаат Буџетот како свој, а општините да им дадат простор да ги кажат своите барања и да ги поддржат проектите. Ваквите истражувања прават притисок на општините за позитивен натпревар, секое мерење ги поттикнува општините да бидат подобри.“ – додава Виктор.

Звонко Пекевски, градоначалникот на Берово истакнува дека навистина се труделе да го усовршат Буџетскиот процес, не очекувале дека ќе избијат највисоко на листата. Вработените посветено работеле на следење на сите законски обврски, како и добра и отворена комуникација со локалното население на ниво на целата општина.

На презентацијата присуствуваа претставници на медиумите, невладиниот сектор и општината со најмногу бодови. Методологијата која ја спроведува ЗМАИ за оваа потреба е препознаена и на меѓународно ниво. Од оваа година ЗМАИ работи на следење на Буџетските процеси и во неколку општини во Африка.

Целосниот извештај за Индексот на отворени општини за 2023 може да се најде на следниот ЛИНК.

Податоците од мерењето на Индексот може да се најдам на следните линкови: excel, CSV.