На 12 ноември 2025 година, Здружението за истражување и анализи ЗМАИ го презентираше Извештајот за отвореноста на општинските буџетски процеси во Северна Македонија и Индексот на отвореност на општините за 2024 година. Од оваа година, индексот вклучува и посебна компонента за мерење на нивото на антикорупција на локално ниво. Индексот се спроведува петта година по ред и во најновото мерење ги опфаќа буџетските процеси во 81 единица на локална самоуправа во земјата, со просечна вредност на вкупниот индекс од 37,7 поени, што укажува на минимална отвореност на буџетските процеси.
Во 2024 година, најотворени во однос на буџетирањето се општините Крива Паланка, Аеродром и Делчево, кои се највисоко рангирани на индексот. Општина Крива Паланка, како најдобро рангирана, има индексна вредност од 77,4 поени и единствена влегува во групата со задоволителна отвореност, додека најниската измерена вредност за отвореност изнесува 1,7 поени. И покрај тоа, резултатите покажуваат дека општините можат значително да ги унапредат механизмите за антикорупција. Според првото мерење на нивото на антикорупциски мерки, само четири општини постигнуваат задоволителен резултат, а поголемиот дел имаат минимално или доволно ниво на заштита од коруптивни ризици.
На национално ниво, Индексот бележи минимален пораст од 0,3 поени во однос на 2023 година, што укажува на благ, но недоволен напредок во отвореноста и транспарентноста на локалните самоуправи. Иако транспарентноста бележи најголем раст, вклученоста и правичноста на граѓаните остануваат најслаба димензија со просечна вредност од 20,4 поени, што значи дека најголемиот дел од општините сè уште имаат ниско ниво на интеракција и системско вклучување на граѓаните во буџетските процеси.
Настанот на тема „Зајакнување на локалните антикорупциски мерки преку инклузивно и транспарентно буџетирање“, под мотото „Со вклучени граѓани до подобри општини“, се одржа со поддршка од СЕЛДИ – Регионалната мрежа за антикорупција. По презентацијата на резултатите, следеше модерирана дискусија и сесија за прашања со претставници од институциите и граѓанскиот сектор.
Извршниот директор на ЗМАИ, Виктор Митевски, истакна дека е клучно мерењата на независните и експертски организации да станат основа за финансирање на локалните проекти од страна на централната власт и меѓународните партнери.
„Сведоци сме дека голем број граѓански организации ги мерат општинските процеси од различен аспект, а истовремено гледаме дека тие мерења влијаат на подобрување на состојбите. Веруваме дека е време да ги здружиме силите и заеднички да направиме еден унифициран индекс кој потоа ќе може да биде системски користен и од институциите и од сите донатори кои работат со општините. Иако прв пат го мериме нивото на мерките за антикорупција, добро е што немаме недоволен резултат кај ниту една од општините. Сепак, постои огромен простор за подобрување, особено кај јавните набавки, каде што конкуренцијата е многу мала и утврдивме чести набавки со еден понудувач“, изјави Митевски.
Тој додаде дека честите промени на годишните планови за јавни набавки и нивната ниска реализација во дел од општините отвораат сериозни сомнежи за можни злоупотреби. Затоа е неопходно да се создаде систем во кој менаџерската одговорност ќе биде јасно воспоставена алатка преку која граѓаните ќе можат да бараат одговорност и отчетност од општините за начинот на кој се планираат и трошат јавните средства.
На настанот зборуваа и панелистите: Душица Перишиќ, извршна директорка на ЗЕЛС, Јулијана Павковска-Боцевска, државен секретар во Министерството за локална самоуправа, Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), и Александар Аргировски, државен советник од Бирото за јавни набавки.
Во рамки на панел-дискусијата беа истакнати повеќе аспекти кои влијаат на работењето на општините: потребата од целосна дигитализација, системско воведување јавни консултации во буџетскиот процес, искористување на можностите што ги нуди електронскиот систем за јавни набавки за подобро планирање и следење на набавките, како и унапредување на законските решенија за локална самоуправа. Дополнително беше нагласено дека, иако 42 проценти од општините објавуваат граѓански буџет, дури 90 проценти сè уште не ги објавуваат буџетските податоци во отворен формат, што сериозно го ограничува понатамошното истражување и повторна употреба на податоците од страна на граѓаните, истражувачите и медиумите.
Претставниците од граѓанскиот сектор апелираа за унифицирање на индексот на отвореност преку здружување на организациите, при што секоја организација би го следела сегментот за кој има најголема експертиза. На тој начин, државата би добила сеопфатен документ што верно ја отсликува отвореноста на општините и квалитетот на процесите на буџетирање и трошење на јавните пари.
Целосниот извештај за Индексот на отворени општини за 2024 може да се најде на следниот ЛИНК.
Податоците од мерењето на Индексот може да се најдат на следните линкови: excel
Оваа активност се спроведува во рамки на проектот „Зајакнување на локалните антикорупциски мерки преку инклузивно и транспарентно буџетирање“ кој го спроведува Здружение за истражување и анализи ЗМАИ. Проектот е дел од програмата за мали грантови на СЕЛДИ која се спроведува во рамки на проектот „Граѓанско општество за добро владеење и антикорупција во Југоисточна Европа: Градење на капацитети за застапување врз база на докази, влијание врз политики и граѓански ангажман (СЕЛДИ.нет)“, финансиран од Европската Унија. Оваа содржина е единствена одговорност на ЗМАИ и не нужно ги одразува ставовите на Евопската Унија и СЕЛДИ




Скорешни коментари