Владата ја усвои новата методологија за пресметка и распределба на средства со кои општините го организираат основното и средното образование, чија примена започнува од 1 јануари 2026 година. Методологијата ја изработи Министерството за образование и наука со поддршка на УНИЦЕФ, Светска банка, Швајцарската амбасада, здружението ЗМАИ, ЗЕЛС и локалните самоуправи, а очекувањата се дека промената ќе стимулира поквалитетен воспитно – образовен процес. Говорници на прес-конференцијата на оваа тема беа: Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, Претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Лесли Милер, Виш специјалист за образование на Светската Банка, Бојана Нацева, извршниот директор на ЗМАИ, Виктор Митевски и Курт Витрих, Тим лидер на проектот „Образование за вработување“.

Во продолжение е изјавата на директорот на ЗМАИ – Виктор Митевски на прес-конференцијата одржана во Министерството за образование и наука на оваа тема:

„ Иако формално овој процес не е дел од иницијативата за Отворено владино партнерство, од самиот почеток се водеше според највисоките принципи на вклученост, транспарентност и отворен дијалог. Министерството, како носител на процесот, ги обедини искуството на државните службеници кои со децении ја познаваат оваа проблематика со знаењето на над дваесет експерти од сите релевантни области, ангажирани од Светска банка и УНИЦЕФ, преку ЗМАИ.

Важно е да се нагласи дека ова не е преземена или популарно кажано “увезена” формула. Таа се темели на позитивните искуства и научени лекции од регионот и ЕУ, но главното знаење, клучните предлози и крајните решенија од оваа петгодишна работа произлегоа од наши, македонски професионалци и практичари.

Исто така, голема благодарност до колегите од ДПИ, БРО и ЗЕЛС, кои со својот труд и експертиза го заокружија овој процес. Ова е пример како заедничка работа, отвореност и експертиза можат да донесат трајни и квалитетни решенија за нашето образование. “ – изјави Митевски од ЗМАИ.

Говорниците ја истакнаа важноста за подобро финансирање на образовниот процес, водено од потребните на учениците. Министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека промената на формулите за пресметка на блок дотациите беше неопходна, од причина што постојните не обезбедуваат ефикасност во финансирањето.  Во моментов, дури 90% од средствата кои ги добиваат општините се користат за исплата на плати и режиски трошоци на училиштата, што е значително над просекот во ЕУ каде изнесува 70%. Блок дотациите растат, но најчесто само за да се покрие растот на платите, а не и за развој на училиштата и за подобрување на квалитетот на наставата.

Претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Лесли Милер рече дека оваа реформа претставува стратешки пресврт кон градење на поефикасен и поинклузивен образовен систем. Според Бојана Нацева, виш специјалист за образование на Светска банка, методологијата поттикнува транспарентност и отчетност во трошењето на јавните средства. Со јасни критериуми и правила, секоја општина ќе може да ги распредели средствата до општинските училишта, што ја зголемува довербата во образовниот систем и ги мотивира училиштата да работат поефикасно. Поздравувајќи го усвојувањето на новата методологија за пресметка на блок дотации.

Курт Витрих, Тим лидер на проектот „Образование за вработување“ финансиран од Швајцарската амбасада истакна дека само со соработка помеѓу институциите и приватниот сектор може да создадеме стручно образование коешто ќе им овозможи на младите подобри можности за вработување.