Кризата предизвикана од КОВИД-19 донесе голем број на загубени работни места, намалени плати и ризик по физичкото и психичкото здравје на работниците и работничките во текстилната индустрија. Од друга страна пак странската побарувачка за текстилни производи ја загрози ликвидноста на компаниите и допринесе за намалување на вкупниот нето извоз падна за 300% во 2020 во однос на 2019 година.

Ова се само дел од сознанијата кои беа изнесени на денешната панел дискусијата на тема „Индустрија во криза – Предизвиците на текстилната индустрија пред и по кризата со КОВИД-19“, која беше организирана од страна на Здружението за истражување и анализи ЗМАИ.

Во воведното обраќање на Програмската директорка за Владеење на правото и добро управување, Данче Даниловска Бајдевска, беше посочен генералниот заклучок дека правата на текстилните работнички се во најголема мера прекршени и дека текстилниот сектор е всушност еден од најпогодените сектори од кризата со Ковид – 19.  “Во овој контекст, идните јавни политики за подобрување на состојбата во текстилната индустрија мора да бидат насочени кон овозможување на долгорочна одржливост и стабилно враќање во насока на раст и развој на технологиите и економските услови за вработените и работодавачите”, потенцираше Даниловска Бајдевска.

Виктор Стојкоски, еден од главните истражувачи на проектот, истакна дека анализата на податоците од државните институции и локалните самоуправи покажуваат дека невработеноста во текстилната индустрија се зголемила за 128%, а учеството на лица со примања под минималецот се зголемува за 17,6% во април 2020 година. Овие резултати се поразителни и укажуваат на тоа дека текстилната индустрија била нестабилна уште пред почетокот на пандемијата, но со нејзиното јавување овие проблеми дошле до израз.

Според Директорката на Државниот инспекторат за труд, Јована Тренчевска, потребно е  доследно спроведување на законските мерки и обврски кои произлегуваат од Законите и од Одлуката  за превентивни мерки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест КОВИД-19  предизвикана од вирусот  SARS-CoV-2, додека на работниците им се препорачува придржување кон сите релевантни препораки и упатства од страна на работодавачите кои треба да овозможат безбедни и здрави услови за работа, како и охрабрување да се пријават сите прекршување на право од работен однос или безбедност и здравје при работа, во државниот инспекторат за труд.

“Во текстилниот сектор во текот на 2020 година извршени се 1443 надзори, изречени се 173 инспекциски мерки и предлог за поведување на 1 (една) кривична пријава. Во 2021 година исто така продолжуваат интензивните инспекциски надзори. Во периодот јануари–мај 2021 извршени се 700 надзори во текстилниот сектор, додека изречени се 202 инспекциски мерки”, посочи Тренчевска.

Гласен Текстилец беше едно од здруженијата кои беа активни и гласни кога станува збор за застапување на правата на работниците и работничките од текстилната индустрија за време на кризата.

“Сметам дека корона кризата драстично ги уназади работничките и човековите права. Се покажа дека профитот е поважен од човечкиот живот, односно од егзистенцијата на обичниот работник и целото негово семејство. Се вратија девијантни појави кои успеавме да ги елиминираме во изминатите години, како усни откази, исплати на плати од 2 денари, враќање на дел од плата назад на работодавач, спогодбени раскинувања на договори кои работниците сведочат дека не ги потпишале. Тоа што нам најмногу нѐ загрижува храброста на одреден дел од работодавачите да ја злоупотребат државната помош која единствено беше наменета за задржување на работните места и исплата на минимална плата за вработените. Таа храброст може единствено да се препише на недоволната заштита од страна на институциите задолжени да внимаваат, превенираат и казнуваат несовесно работење од страна на работодавачите”, изјави Кристина Ампева од Гласен Текстилец.

Целосната панел дискусија може да ја проследите на следниот линк:

 

Настанот беше организиран во рамките на проектот “Одговор на социо-економските ефекти од КОВИД-19 преку поддршка на ранливите групи на ниско платени работници, работници кои се дел од неформалната економија и привремено вработени работници”, поддржан од страна на Фондацијата Отворено Општество – Македонија.