На панел дискусијата „Подобрување на процесите на локално буџетирање во Северна Македонија“ во организација на  Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ) беа презентирани наодите од истражувањето и индексот на отвореност на општините. Фокусот на истражувањето беше ставен на афирмирање на 4 главни компоненти: транспарентност, отчетност, вклученост и поддршка на маргинализираните групи во процесот на планирање и реализирање на општинските буџети.

Целта на истражувањето беше да се предложат начини за подобрување на транспарентноста и вклучувањето на граѓаните во буџетските процеси на локално ниво во Северна Македонија, со цел да се зголемат ефикасноста на локалните буџети и нивото на задоволство на граѓаните за јавното трошење. За таа цел, се истражуваа три главни хипотези:

  • Поголемата транспарентност, која води до поголемо задоволство на граѓаните од квалитетот на локалната власт, особено за маргинализираните групи.
  • Поголемата вклученост, која води до поголемо задоволство на граѓаните од подготовката и спроведување на локалните буџети, особено за маргинализираните групи.
  • Поголемата отвореност на локалните самоуправи, која води до поголема транспарентност и вклучување на граѓаните во буџетскиот процес.

Резултатите од анкетата покажаа дека граѓаните сметаат дека постои делумна транспарентност во локалниот буџетски процес. Откривме дека 89,6% од граѓаните не го виделе општинскиот буџет или неговата граѓанска верзија (т.е. поедноставена презентација на општинскиот буџет). Додека 95,1% од граѓаните ја немаат видено завршната сметка на општинскиот буџет во последните две години.

Препораки на нашите истражувачи се:

  • Подобрување на финансиската писменост
  • Веб-платформа за локални буџети
  • Законски измени за промовирање на транспарентноста, инклузивноста, одговорноста и правичноста
  • Пилот проект: партиципативно буџетирање – Директното гласање на граѓаните за распределба на локалните буџети може да ги овласти маргинализираните граѓани
  • Индекс за мерење на локалниот буџетски процес

 

Постои голем јаз помеѓу локалната власт и граѓаните. Интервјуата со вработените во локалната самоуправа покажаа дека општините организирале формални активности за вклучување на граѓаните во процесот на подготовка на буџетот, главно јавни дебати. Сепак, се чини дека граѓаните имаат мал интерес за учество. Од друга страна пак, само 19,2% од испитаниците сметаат дека општината целосно ги консултира граѓаните во буџетскиот процес. Затоа ја истакнуваме потребата да се поттикне локалната власт да ги подобри формалните канали на вклучување на граѓаните во буџетскиот процес, изјави Виктор Митевски, Претседател на ЗМАИ

 

Перо Костадинов, Градоначалник на Општина Валандово, изјави, Иницијативата и работата на здружението за истражување и анализа – “ЗМАИ”, за развој на нова платформа кој ги вклучува граѓаните при креирањето на локалниот буџет е за поздрав. Општина Валандово како пример кој го има најистакнатиот напредок во државата на полето на транспарентноста и отвореноста постојано ги надградува алатките за комуникација. Како нова локална власт од самиот почеток знаевме за вредноста и придобивките на овие квалитативни во заедницата. Тој е единствениот пат за градење доверба меѓу граѓаните и институциите и носење на правилни одлуки за заедницата. Институциите се граѓански и мора да ги отвориме целосно. Довербата е макотрпен процес кој одзема време и сили, но друг пат нема. Неопходно е да ја интензивираме комуникацијата со граѓаните и заедно да создаваме подобра заедница. Одговорните функционери се и транспарентни. Забранети прашања денес нема, и одговор заслужува секој. Вршителите на јавни должности, кои сеуште не ги прифатиле овие вредности на современиот демократски свет, ќе бидат отфрлени од општеството, како страни тела.

Јана Белчева Андреевска, Советник во Општина Центар, изјави, процесите на транспарентност на трошење на парите на граѓаните, го покажуваат нивото на демократија на локалната самоуправа. Достапноста на податоците за финансиите да не биде само објавена на страната, туку да биде поедноставна за граѓаните, за да можат да видат каде се распределуваат парите.

Герман Филков, Претседател на Центар за Граѓански комуникации, изјави, транспарентноста и отчетноста не треба да се сфатат како финален акт, тоа е процес кој треба да е присутен од почетокот до крајот.

Целиот проект беше поддржан од Меѓународниот центар за локална демократија од Шведска (Swedish international Centre for local democracy – ICLD).