Здружението за истражување и анализи, ЗМАИ од Скопје во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој за првпат организира Предизвик за создавање на Портал за отворени општини. Oвој 4 дневен предизвик има за цел да собере и поттикне млади, креативни и иновативни луѓе да изработат демо иновативни софтверски и мултимедијални решенија. Учесниците треба да создадат креативно решение кое ќе овозможи вклученост на граѓаните од аспект на 4 принципи на локална демократија: еднаквост, вклученост, транспарентност и отчетност.

Краен производ на Предизвикот, треба да биде креативно интерактивно решение каде што визуелно ќе се изразат:

  • Учеството на  граѓаните во процесот на буџетското планирање и трошење на локалната самоуправа;
  • Корисноста на оваа платформа за општинските власти која ќе овозможи поголема и видлива вклученост на граѓаните во процесот на структурно и системско планирање (постигнување согласност на локалната јавност за содржината и програмите на општинскиот буџет, за утврдување на приоритетите и проблемите за прашања што се во надлежност на општините, како и развивање, предлагање и избор на проекти од интерес на заедницата и маргинализираните групи) и зголемена отчетност при спроведување на буџетот;
  • Индексот на транспарентноста, отчетноста, праведноста и вклученоста на локалната самоуправа;
  • Информирањето, вклучувањето и следењето на работата на општините преку едноставен и иновативен начин, односно побрз и полесен пристап до јавните услуги за граѓаните и сите релевантни чинители;
  • Поврзување на јавно достапни податоци од страна на јавни институции или други бази.

На настанот може да се пријават правни субјекти кои ги исполнуваат следните услови:

  • Да се трговски друштва основани согласно Законот за трговски друштва и регистрирани во Централниот регистар на Република Северна Македонија
  • Против него да не е поведена стечајна постапка или постапка на ликвидација;
  • Да има подмирени доспеани обврски по основ на јавни давачки и придонеси;
  • Против него да не се отпочнати постапки за присилно извршување на доспеани парични побарувања.

Победникот на Предизвикот ќе добие награда од 500.000 (петстотини илјади) денари.

Паричната награда е обезбедена преку Проект “Преку инклузија и транспарентност до еднаквост и квалитет: Подобрување на процесите на локално буџетирање во Северна Македонија”, поддржан од Шведскиот Меѓународен Центар за Локална Демократија (ICLD), а реализиран од страна на здружението ЗМАИ.

Предизвикот ќе се одржи од 14 до 17 декември 2020 година, а пријавувањето  ќе трае до 10 декември 2020 год. Регистрацијата е по електронски пат. Пријавените учесници ќе имаат можност да се запознаат со деталите и концептот на предизвикот за време на инфо сесијата која ќе се одржи на 4 декември 2020 година.

ПРИЈАВИ СЕ!