На денешната Конференција за ефектите од пандемијата на КОВИД–19 врз македонската економија, во организација на Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД) и Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ) беа презентирани наодите од студијата за ефектите од пандемијата врз економијата за периодот 2020 – 2022 г. Студијата е изработена од ЗМАИ со поддршка од Парламентарната буџетска канцеларија  на Собранието на РСМ.

Клучните сознанија од анализата се:

  • Пандемијата предизвика пад на македонската економија од 4,5% во 2020 г. Споредено со другите европски земји падот на македонскиот БДП е на средина. Падот беше ублажен од фискалната поддршка од Владата за време на пандемијата. Вработеноста за време на пандемијата се намали за 2,7%, што е помалку изразено од намалувањето на БДП, но е сепак падот е меѓу најистакнатите во Европа. Пандемијата ги секна и странските инвестиции и дознаките од странство, но надворешната стабилност беше задржана поради владиното задолжување.
  • Вкупната вредност на владината поддршка за компаниите за исплата на плати во текот на 2020 изнесувала близу 8 милијарди денари (1,2% од БДП). Поддршка добиле 31.206 компании (40% од вкупниот број активни фирми во државата), за вкупно 133.000 работни места (17% од вкупните вработени во државата). Трговијата на мало, трговијата на големо и производството на облека се трите најголеми корисници на поддршка, но процентот на поддржани компании е најголем кај другите лични услужни дејности, туристичките агенции и обложувалниците. Најголем дел од помошта завршила кај микро компаниите, но најголема ефективна поддршка добиле малите компании. Од друга страна, компаниите кои имаат остварено добивка од 5-10 % во 2019 г. имаат добиено најголема просечна поддршка по компанија.
  • Нееднаквоста во нето примањата на граѓаните е зголемена значајно во вториот квартал на 2020. Џини коефициентот е зголемен од 30% на 33,5%, што претставува многу високо зголемување за таков краток рок. Најпогодени од кризата се лицата со примања околу минималната плата. Примањата на жените и младите се намалени за значајно поголем износ во споредба со останатите граѓани.

Презентирајќи ја анализата, авторот Виктор Митевски посочи дека македонската економија не беше поштедена од кризата, но владините мерки во одредена мера помогнаа со нејзините ефекти. Сепак постојат области каде треба да се таргетира поддршката за опоравувањето да биде побрзо и поефективно. Тој ги посочи негативните ефектите врз платите на младите и жените како значително погодени, и важноста од поддршка за време, но и по кризата, за намалување на овие разлики.

Министерот за eкономија, Крешник Бектеши изјави дека оваа анализа ќе биде патоказ за начинот како треба да креираме политики, но истовремено како институциите треба да соработуваат и со граѓанскиот сектор, во поглед на креирање на нови мерки за економијата и за граѓаните во нашата држава.

Директорка на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска ги претстави активностите на УЈП за помош при корона-кризата, посочувајќи дека се во исчекување на носењето на петтиот пакет мерки од страна на Собранието, за да почне поддршката за февруари и март. Таа изјави: „Наплатата оди одлично, над планот сме во однос на февруари мината година, што можеби дава соодветна насока дека треба да „стегнеме заби“ и да го издржиме овој период, кој се надевам нема да трае предолго“.

Пратеникот Тимчо Муцунски посочи дека улога на политичарот во односот со деловниот сектор треба да биде да наоѓа креативни начини за решенија. „Верувајте, ако сите така се поставиме, и власт и опозиција, ќе се најде решение. Да не се надмудруваме кој ги кочел законите во Собранието, законите се закочени заради бирократизација“, кажа тој.

Говорници на настанот беа и Ричард Малион, Директор на програми во Амбасадата на Обединетото Кралство, Дамир Незири, претставник во земјата на ВФД, Зоран Јовановски, Главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора и Марија Б. Јанковски, Директорка на Централниот регистар.  Конференцијата имаше за цел да иницира поширока дискусија за идни проекции и препораки за минимизирање на ефектите од пандемијата со КОВИД-19, согледувајќи ги перспективите на различни засегнати страни. Настанот беше организиран од ВФД во соработка со ЗМАИ, со поддршка од Иницијативата за демократија на Западен Балкан.