Статистиката свесно или несвесно ја користиме секој ден за да донесеме одлуки. Од наједноставните до најкомплексните. Токму таа е животен избор за Виктор Стојкоски, кој изминатите години ги посветува на истражувања кои имаат за цел да направат позитивни промени и да поттикнат носење на правилни одлуки. Виктор своето образование го завршува на Економскиот Факултет на УКИМ, а годинава ги заврши и пост-докторски студии на Универзитетот во Тулуз, Франција. Неговите трудови континуирано се објавуваат во некои од најистакнатите научни списанија со импакт фактор. Како член на ЗМАИ, има можност статистиката да ја користи во влијаење на носењето на одлуки во Македонија и истражување на состојбите во земјата. Дел од истражувањата кои Виктор ги има направено во ЗМАИ се однесуваат на градење јавни политики за справување со последиците од пандемијата предизвикана од Ковид-19, оптимизација на училишната мрежа и реформирање на финансирањето во основното образование, како и подобрување на студентскиот стандард и положбата на младите во општеството.

На Виктор му поставивме неколку прашања поврзани со тоа како ја гледа областа во која работи и како тој ја користи науката за добро.

Зошто ја одбра статистиката како област во која сакаш да се развиваш и како би ја објаснил важноста на статистиката во секојдневното живеење?

Уште од дете сум сакал да си играм со податоци, а наједноставната дефиниција на статистиката е игра во која играчите се обидуваат да донесат одлуки кои ќе резултираат со најголема добивка преку користење на податоците со кои располагаат. Оваа игра се игра секојдневно. На пример, секој човек речиси секој ден ја проверува временската прогноза и врз база на податоците за шансата за дожд, одлучува дали да земе чадор со себе при напуштање на домот или не. Слично, пред да се одлучиме за купување на некој производ најчесто собираме податоци за различните опции и потоа донесуваме одлука.

Статистиката овозможува овие мали одлуки да се трансформираат во “јавни политики” на ниво на една економија кои ќе помогнат во градење на даночни реформи, методи за справување со пандемии и сл.

Изминатите години ги посвети на многу истражувања и објавување на истакнати трудови. Кој би го издвоил како најважен?

Мислам дека постојат два погледи кон одговорот на ова прашање. Едниот е, кој би бил најважен труд за мој личен развој, а вториот е кој труд придонел кон општеството. За вториот поглед, не би можел јас да одговорам – тоа е одговор што треба да го дадат колегите кои работат на слични теми.

За првиот поглед, пак, многу е лесен одговорот: Најважно е истражувањето што го правам сега (и истиот одговор ќе го добиете кога и да ме прашате во иднина). Ова го научив од мојот ментор на докторски во МАНУ (акад. Љупчо Коцарев) кога започнав со докторските и му го поставив истото прашање. Поентата е дека секое ново истражување води до неоткриени прашања кои може да се одговорат само со љубопитност и развој на нови вештини. Оттука, секое ново истражување е поважно од претходните бидејќи секогаш ги надоградува личните вештини. Но, кога истото ќе го финализираме, најважно за мене ќе биде следното, ново истражување на кое ќе почнам да работам

Дали по пост-докторските студии планираш да живееш и работиш во Македонија и зошто?

Да, ќе се вратам во Македонија во 2023та година. Уште на почетокот кога отидов на пост-докторски ова ми беше целта. Искрено, единствената причина поради која отидов во странство на пост-докторски е да се стекнам со вештини кои не може да се научат од Македонија и потоа тие вештини да ги применам на студентите, колегите и сите мои соработници во Македонија.

Член си на здружението за истражувања и анализи ЗМАИ, како влијаеше ЗМАИ на твојот професионален развој и каде ја гледаш организацијата за 5-10 години од денеска?

Во ЗМАИ сум член од 2015 година (истата година кога и започнав со научни истражувања). Здружението ми помогна да развијам вештини за примена на научните резултати во изработка на Јавни политики, кои многу ретко може да се научат од научните кругови. Сметам дека овие вештини се неопходни за еден истражувач затоа што помагаат во развој на критична мисла за секогаш да се насочуваат теоретските истражувања во практична примена.

ЗМАИ е организација која обединува голема група на истражувачи и професионалци кои сакаат да го менуваат македонското општество на подобро. Иако можеби не сме толку присутни во јавноста, сепак со нашата работа придонесуваме за многу важни процеси кои треба да го движат нашето општество напред. Затоа, верувам дека во следните 5 години ЗМАИ ќе прерасне во еден од најголемите истражувачки центри во Македонија, а нашиот опсег на работа ќе биде проширен и надвор од границите на нашата држава.

Како може правилно да се користи статистиката во градењето на Јавни политики?

За статистиката да биде правилно искористена од страна на една држава, прво неопходен едноставен, транспарентен и отворен пристап до податоци од јавен карактер до секој научник! Второ, статистиката е мултидисциплинарна наука и оттука е неопходно да се овозможат државни механизми кои ќе помогнат да се развиваат мултидисциплинарни приоди. Поточно, статистичарот е секогаш подготвен да ја дизајнира правилната алатка за анализа на одредени податоци, но за интерпретацијата потребна е помош и од други дисциплини. На пример, при дизајнирање на методи за справување со пандемии, потребна е помош од

епидемиолози. Слично, при градење на даночни реформи, потребна е помош од даночни економисти.
Мислам дека во нашата држава, сѐ уште постои голем простор за развој на правилното користење на статистиката. Од една страна, има многу институции кои овозможуваат лесен пристап до нивните податоци. Меѓутоа, од друга страна, има и клучни институции кои речиси никогаш не ги споделуваат своите податоци или пак наплаќаат дури и кога нивната употреба е за истражувачки цели. Исто така, многу ретко се стимулираат мултидисциплинарни истражувања и заради тоа потребен е дополнителен напор за да се овозможи правилно искористување на статистиката.

Виктор, ти благодариме и се гледаме во 2023 за заедно да го менуваме македонското општество на подобро!