Започна мерењето на отвореност на општините во поглед на буџетските процеси, во рамките на проектот – “Преку инклузија и транспарентност до еднаквост и квалитет: Подобрување на процесите на локално буџетирање во Северна Македонија”, поддржан од страна на Шведскиот Меѓународен Институт за Локална Демократија (ICLD).

Целта на овој проект е да се анализира фактичката состојба на локално ниво за споделување на досегашните практики и искуства при креирање и донесување на буџетите. За таа цел, изработена е платформата otvoreniopstini.mk, на која што самите општини може да внесуваат информации кои се однесуваат на партиципативното буџетирање и врз основа на кои ќе биде изработен индексот на отвореност на општините.

Отвореноста на општините се мери преку однапред утврдена методологија за проценка на општините во однос на четири клучни принципи: правичност, вклученост, транспарентност и отчетност. Прашалникот кој го испитува и утврдува степенот на отвореност на општините, опфаќа прашања кои се однесуваат на објавените податоци за завршните сметки на општината, буџетите, организирани јавни расправи, родово буџетирање, како и информации за информирање и вклучување на јавноста во креирањето на буџетот.

Една од клучните цели преку мерење на отвореноста на општините е да се придонесе кон поголема инклузија на маргинализираните лица во процесот на буџетирање и креирање на клучни препораки за подобрување на буџетскиот процес на локалните самоуправи.