Новите странски инвестиции можат да придонесат за економскиот развој на Македонија, но нивниот вистински ефект треба да се оценува преку создавањето квалитетни работни места, повисоки плати, трансфер на технологии и поголема домашна додадена вредност, истакнува Виктор Митевски, економист и извршен директор на ЗМАИ, во интервју за порталот „Локално“.

Коментирајќи ги најавите за нови инвестиции и проширување на производствените капацитети на компанијата „Гересхајмер“, Митевски нагласува дека е неопходно да се прави разлика меѓу најавени и реализирани инвестиции. Според него, инвестициите во технолошки понапредни индустрии се добредојдени, но вистинската структурна трансформација на економијата зависи од нивната поврзаност со домашните компании, продуктивноста и создавањето поголема додадена вредност.

„Инвестициите, без оглед дали се домашни или странски, не смеат да добиваат политички предзнак. Тие не се партиски трофеи, ниту сопственост на која било влада. Државата треба да создава стабилни и предвидливи услови за инвестирање, работење и развој“, истакнува Митевски.

Тој посочува дека Македонија треба да го надмине моделот на привлекување инвестиции преку евтина работна сила и да ја гради својата конкурентност врз квалификувани работници, современи технологии, иновации и повисока продуктивност. Особено е важно, нагласува Митевски, кога инвестициите се поддржани со јавни средства, граѓаните да имаат информации за трошоците и реалните економски придобивки.

Во интервјуто се осврнува и на конкурентноста на македонската економија, потенцирајќи дека земјата има потреба од поефикасни институции, подобра инфраструктура, фер конкуренција и еднаков третман на домашните и странските инвеститори.

„На Македонија ѝ е потребна долгорочна економска политика која ќе ги надживее изборните циклуси и промените на владите. Инвестициските одлуки се носат за десет, дваесет или повеќе години и не треба да зависат од политичката конјунктура или од блискоста со носителите на власта“, нагласува Митевски.

Според него, најдобрата заштита од надворешните економски ризици е развојот на силна и диверзифицирана домашна економија, со конкурентни компании, квалификувани и добро платени работници и функционални институции.

Целосното интервју прочитајте го на порталот „Локално“: Митевски: На Македонија ѝ е потребна долгорочна економска политика која ќе ги надживее изборните циклуси и промените на владите