Извршниот директор на ЗМАИ, Виктор Митевски, гостуваше во емисијата Бизнис21 на ТВ21, каде се дискутираше за можните економски последици од енергетската криза, ценовните притисоци и потребата од соодветен институционален одговор.
Во своето гостување, Митевски истакна дека во услови на криза државните мерки треба да бидат внимателно дизајнирани и насочени кон оние граѓани и домаќинства кои се најмногу погодени од растот на трошоците за живот. Според него, општите мерки кои се применуваат за сите граѓани не секогаш го даваат потребниот ефект, особено кога инфлацијата не е предизвикана само од енергенсите и храната, туку и од подлабоки структурни фактори во економијата.
Митевски посочи дека е важно вниманието да се насочи и кон базичната инфлација, бидејќи таа покажува дека постојат скриени фактори кои влијаат врз цените. Во тој контекст, тој го отвори прашањето за нефер трговските практики, нагласувајќи дека не е доволно само да се донесат закони, туку тие мора доследно да се применуваат. Ова е особено значајно во периоди кога граѓаните се соочуваат со зголемени трошоци, а пазарните механизми можат дополнително да ја продлабочат ценовната нестабилност.
Пораката од гостувањето е дека економските кризи бараат одговор кој е заснован на податоци, анализа и јасно таргетирање на мерките. Наместо широки и недоволно прецизни интервенции, потребни се политики кои ќе ги заштитат најранливите категории, ќе ја подобрат контролата врз пазарните практики и ќе обезбедат поефикасно користење на јавните средства.
ЗМАИ продолжува да се залага за економски политики засновани на докази, транспарентност и институционална одговорност, особено во области кои директно влијаат врз животниот стандард на граѓаните.
Гостувањето може да се погледне тука:
Скорешни коментари