Виктор Митевски, извршен директор на ЗМАИ, гостуваше на Телевизија Телма во емисијата „Директно“, каде што се разговараше за можните економски последици од геополитичката состојба и војната во Иран, особено врз цените на нафтата, инфлацијата и мерките што Владата би можела да ги преземе за да ги ублажи последиците.

Во своето гостување, Митевски посочи дека државата треба да реагира, но дека клучното прашање е како мерките да бидат доволно прецизни и насочени кон оние што ќе бидат најпогодени. Тој нагласи дека во Македонија значителен дел од потрошувачката на гориво е поврзан со транспортната индустрија, што ја прави оваа дејност особено важна за целото општество. Бидејќи земјата е силно зависна од увоз, секое поскапување на транспортот директно се прелева врз цените на производите и врз трошоците што ги чувствуваат граѓаните.

Според него, во вакви услови не се доволни општи и скапи мерки, особено кога буџетската состојба не остава многу простор за дополнителна интервенција. Митевски предупреди дека едноставното намалување на ДДВ или широките субвенции можат дополнително да го стеснат фискалниот простор, во време кога дефицитот е веќе висок. Затоа, како што истакна, е неопходна детална анализа за тоа кои категории и сектори ќе бидат најмногу погодени, со цел поддршката да биде насочена таму каде што ефектот ќе биде најпотребен.

Тој објасни и дека оваа криза има поинаква природа од претходните. Додека во контекст на војната во Украина најсилните ефекти се чувствуваа и преку земјоделските производи и житото, сегашните ризици на краток рок најнапред се поврзуваат со нафтата и транспортот. Но, доколку кризата продолжи, можно е индиректно да се зголемат и цените на храната, бидејќи земјите што зависат од снабдување преку погодените транспортни рути ќе бараат алтернативи, што ќе ја зголеми побарувачката и конкуренцијата на меѓународните пазари.

Во дискусијата, Митевски се осврна и на потребата од поголема ефикасност во јавните расходи, посочувајќи дека слабостите во трошењето јавни средства и коруптивните ризици дополнително ја намалуваат способноста на државата да одговори на кризни ситуации. Како пример, тој наведе анализи што покажуваат значителни разлики меѓу пазарните цени и цените постигнати на одредени тендери.

На темата за минималната плата, Митевски нагласи дека дебатата не треба да се сведува само на тоа дали работникот е доволно продуктивен, туку и на тоа какви услови му се обезбедени за да создава додадена вредност. Според него, долгорочното решение е во градење економија што создава поголема додадена вредност, наместо потпирање исклучиво на трудоинтензивни индустрии.