Јована од ЗМАИ гостуваше во утринската програма на Телевизија Телма, каде со Цеце Тодоровска, меѓу другото зборуваа и за идејата зад „Што го врти светот?“. Овој медиумски проект на ЗМАИ се создава веќе три сезони по ред, со континуиран раст на гледаноста и поврзаноста со публиката.
„Кај нас постои синдром кој е многу лош, велиме „на комшијата да му умре козата“. Во Македонија не е лесно да направите нешто кога општеството ви вика и повторува дека не можете да направите ништо. Ако одите во странство, и таму не можете зошто сте „граѓанин од трет ред“. Мојата и работата на ЗМАИ преку „Што го врти светот?“ е овој начин на размислување да се промени. Да се поддржиме, да си помогнеме и да си подадеме рака. Да не посакуваме „на комшијата да му умре козата“, туку да има уште 10 кози, а ние да правиме сирење од нивното млеко и да создадеме нова додадена вредност. Во Македонија апсолутно е возможно, дури можеби и полесно од тука да создадеме нешто. Зошто не се бориме во Америка, туку сме на домашен терен и се бориме тука. “ – вели Јована за визијата на ЗМАИ за подобра држава и домашна економија.
Јована во Утринската на Tелма зборуваше за почетокците на проектот и зошто ЗМАИ ја создаде содржината која во моментов се врти на YouTube и Телевизија Телма.
„Во ЗМАИ каде го создаваме „Што го врти светот?“ работевме со претприемачи, бизниси, креативци, невладини организации… Постојано гледаме дека во Македонија има квалитет. Сакавме тоа да го донесеме на медиумите, од YouTube до традиционалните медиуми за сите да го видат тоа. Да видат дека апсолутно е возможно, и еве кои се начините, еве како нашите соговорници го направиле тоа, можеби да се пронајде некој во нивната приказна. Имаме луѓе кои доаѓаат од најразлични делови на земјата, се бореле со најразлични предизвици, а сепак, можат, прават и создаваат и се активни во своите заедници. Во ЗМАИ ги гледаме бројките зад компјутер, запознаваме прекрасни луѓе во рамки на проектите, но ни фалеше делот да ги претставиме овие луѓе и информации пред јавноста. Почнавме наивно, не очекувавме некоја голема гледаност, целта беше да научиме нешто од овие луѓе. Ги познаваме, да направиме муабет и да го споделиме. Сега прерасна во нешто многу поголемо и ни е навистина драго.“
Според тимот на ЗМАИ растот на содржините и публиката се изненадувачки добри, и докажуваат, уште еднаш дека домашната публика може и знае да препознае квалитет. Дополнително, „Што го врти светот“ покажа дека има жед кај одредена публика за успешни и добри приказни, за клучни муабети и за квалитетна македонска музика. Кон крајот на третата сезона се приближуваме со надеж за многу нови содржини во најразлични формати, под чадорот на „Што го врти светот?“, создадени од ЗМАИ со силна поддршка од нашите партнери и сорбаотници.
Погледнете го целиот разговор:
Скорешни коментари