Во 2026 година продолжуваме со работата на проектот Converge2EU, иницијатива што ја следи економската и социјалната конвергенција на земјите од Западен Балкан кон Европската унија преку податоци, споредливи индикатори и јавни политики засновани на докази. Нашата цел е резултатите од анализите да не останат само во извештаи, туку да станат практична алатка за носителите на одлуки, медиумите и граѓанското општество, особено во период кога регионот се соочува со сериозни развојни дилеми и растечки очекувања од европската агенда.

На 16 февруари 2026 година, во Виенскиот институт за меѓународни економски студии (wiiw) се одржа работен состанок со партнерите на проектот, на кој беа сумирани досегашните резултати и беа дефинирани приоритетите за годинава. Состанокот беше воден од Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт, заедно со тимот на Think Europe од Љубљана и регионалните партнери. Централната насока што ја договоривме е јасна: во 2026 застапувањето ќе добие уште поголема тежина, со фокус на тоа анализите да се претворат во конкретни препораки и аргументи што можат да влијаат врз економските и реформските политики.

Во 2026 година, преку Converge2EU ќе работиме поинтензивно на комуникација со носителите на одлуки во земјите од Западен Балкан, со институциите на ЕУ и со релевантни актери во Брисел. Паралелно, ќе ја зајакнеме и јавната видливост на наодите преку содржини што ја приближуваат комплексната анализа до пошироката јавност и медиумите, без да се губи научната строгост и споредливоста на индикаторите.