На настанот „Следење на конвергенцијата на Западен Балкан кон Европската унија“ посветен на економското, социјалното и институционалното приближување кон Европската унија, со фокус на Северна Македонија беше претставена платформата и анализата за следење на конвергенцијата, изградена врз 40+ индикатори групирани во осум области (економија, социјална димензија, здравство, образование, владеење, животна средина, инфраструктура и дигитализација). Целта е јавната расправа да се префрли од формални чекори на интеграција кон реални исходи за квалитетот на живеење и мерлив напредок.

„Напредокот кон ЕУ не треба да се гледа само низ призма на поглавја и кластери, туку пред сѐ преку квалитетот на живот,“ истакна Бранимир Јовановиќ, економист во Виенскиот институт. „Македонија најлошо стои во образование и животна средина; во дигитализација и здравство има напредок, но потребни се длабински реформи и спроведување на законите.“

Според презентираните пресметки и тековните трендови, при статус-кво сценарио на Северна Македонија ѝ се потребни околу 59 години за да го достигне просекот на ЕУ во доменот економија. Дигитализацијата се издвојува на приближно 75% од нивото на ЕУ со потенцијал за побрзо затворање на јазот, во здравството се бележи слично ниво со можност за приближување во пократок рок. Истовремено, кај образованието и животната средина се регистрира дивергенција, што упатува на итна потреба од политики насочени кон резултати. Во економските подкомпоненти беа истакнати: просечна бруто плата ~1.000 € (~33% од ЕУ), БДП по глава на жител ~42% од ЕУ, продуктивност ~53% од ЕУ наспроти пониски плати, како и пензии ~18% од ЕУ, комбинација што укажува на простор за раст на платите паралелно со продуктивноста.

Во вториот дел беа презентирани „што-ако“ сценарија за забрзување на конвергенцијата: полноправно членство во ЕУ, пристап до кохезионите фондови, фазен пристап до единствениот европски пазар и длабоки институционални реформи, со јасни временски хоризонти и мерливи индикатори.

„Пораката од извештајот е јасна: конвергенцијата се забрзува кога ќе се интензивира интеграцијата во ЕУ, но за граѓаните да го почувствуваат тоа, мораме да ја завршиме работата дома,“ рече Виктор Митевски, извршниот директор на ЗМАИ. „Фокусот треба да биде на спроведување и резултати: владеење на правото и фер јавни набавки, пренасочување на буџетот кон образование, примарна и превентивна здравствена заштита и чист воздух, дигитализација на јавните услуги и завршување на клучните сообраќајни и енергетски врски.“

Во наредниот период, ќе ја објавиме целосната анализа и краток политички бриф со конкретни мерки „кој–што–кога“, придружени со јавни визуелизации на податоците.