Здружението за истражување и анализа ЗМАИ со задоволство ја објавува добитничката на годинешната награда „Млади квантитативни умови – Славица Тодоровска – Цаци“: Томина Стојаноска, за есејот „Вештачка интелигенција и македонската економија: импликации за продуктивност, работни места и финансискиот сектор“. Наградата изнесува 61.500 денари и е поддржана од Стопанска банка АД Скопје.

Оваа година пристигнаа 63 есеи, што потврдува силен интерес кај младите во Македонија за истражување и аргументирано презентирање идеи. Комисијата спроведе евалуација по четири критериуми: оригиналност, издржаност на аргументи, користење податоци и почитување на правилата на конкурсот. Во согласност со однапред објавените правила за недозволена употреба на ВИ при пишувањето, трудовите што значајно ги прекршија правилата не беа земени предвид во финалната селекција.

Покрај изборот на победничката, процесот издвои и неколку трендови: најчеста тема беше миграцијата, забележавме висок интерес кај жените авторки и учество на млади од различни возрасти, што ја охрабрува идната истражувачка сцена.

Им упатуваме благодарност на сите учесници за трудот и креативноста. ЗМАИ ќе продолжи да ја поттикнува квантитативната култура во јавниот дискурс: користење релевантни податоци, коректна интерпретација и формулирање јасни заклучоци засновани на докази.

Честитки за Томина Стојаноска и искрена благодарност до Стопанска банка АД Скопје за континуираната поддршка на младите квантитативни умови.