На 11 јули 2025, во просториите на ЗЕЛС, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, пред градоначалници и претставници од општините го претстави новиот предлог-систем за распределба на блок-дотациите за основното и средното образование. Овој систем е резултат на проектот „Подобрување на ефикасноста на трошоците во основното и средното образование во Северна Македонија“, финансиран од Светска банка и UNICEF, а спроведен од Здружението за истражување и анализи ЗМАИ – Скопје.

Новата формула за финансирање на основното образование се базира на стандардизиран трошок по ученик и се состои од три компоненти: основна, варијабилна и развојна. Целта е да се обезбедат доволни средства за квалитетна настава, тековно одржување, професионален развој и превоз на ученици, наместо најголем дел од дотациите да се трошат исклучиво за плати. Предложениот модел предвидува поголема флексибилност, фер распределба на ресурсите и поддршка за подобрување на резултатите во образованието, особено преку развојната компонента која ќе се воведе од 2028 година.

ЗМАИ, како спроведувач на техничката анализа и развојот на моделот, ја поздравува транспарентноста на Министерството за образование и напорите за вклучување на сите засегнати страни. Сметаме дека новата формула претставува значаен чекор кон ефикасно, правично и одржливо финансирање на образовниот систем во државата.

Имплементацијата е предвидено да започне од 1 јануари 2026 година, со претходно усвојување од страна на Владата и соодветна обука на општините и училиштата. ЗМАИ останува посветен на поддршката на институциите во креирањето политики базирани на податоци кои обезбедуваат реални подобрувања во јавните услуги.

Прочитајте повеќе на овој ЛИНК.