Виктор Митевски, координатор на Работната група 6 на Националната конвенција за Европска унија и извршен директор на Здружението за истражување и анализи ЗМАИ во завршниот дел на сесијата ги презентираше нацрт-препораките од работата на групата. Препораките се однесуваат на институционализација на принципот „вредност за пари“, обука и вмрежување на јавната администрација и приватниот сектор, користење податоци при буџетското планирање, поттикнување независна анализа на јавните расходи, како и воведување индикатори за ефикасност во јавните институции. Презентацијата беше дел од вториот панел на дебатата модериран од Митевски на кој говореа: претседателот на Финансискиот совет, Глигор Бишев, Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување корупција, Билјана Ивановска, Антони Пешев, главен извршен директор на Стопанската Комора и Сања Маџаревиќ – Шујстер, виш економист за Западен Балкан од Светската банка.

Првиот панел на настанот беше модериран од Александар Кржаловски, претседател на МЦМС, а говорници беа проф. Драган Тевдовски, Драган Тилев, советник на министерот за европски прашања и Адам Марек, директор на словачкото Одделение за вредност за пари.

Говорниците на двата панели гласно говореа за потребата од професионализација на институциите, особено за мерењето на вредноста која ja добиваат граѓаните при јавните набавки. Се разгледуваше и словачкиот пример на тим кој постојано ги мери резултатите од големите јавни инвестиции, како единица во Министерството за Финансии.

  • Во 90тите години Македонија и Словачка биле на исто ниво на БДП по глава на жител. До влезот во Унијата Словачка четирикратно го зголемува својот Бруто-домашен производ. Денеска тој е 10 пати поголем од тоа што бил кога државата стекнала независност. За разлика од тоа, македонскиот БДП по глава на жител од независноста до денес, е зголемен само за 3,5 пати. Членството во ЕУ не треба да го гледаме само како политички процес, туку треба многу повеќе да се фокусираме на економскиот раст и придобивки. Овој раст во дел е поддржан од ефикасното трошење при јавните инвестиции. Но, и од значајно поголемото учество на европските фондови во овие економии. – истакна Митевски на сесијата.

Говорниците се сложуваат дека сепак, надворешната политика е кочничар на овие процеси во моментот, но тоа не значи дека не треба ние да си ја завршиме работата дома. Треба да ги гледаме европските практики, да притискаме за поголем пристап до ЕУ фондови и да се потрудиме додека сме во чекалната на ЕУ, да креираме раст.

Реформските процеси неопходни за интеграција во ЕУ мора да опфатат транспарентност во управувањето со јавните финансии, дигитализација и вештачка интелигенција како ефикасна алатка за намалување на корупцијата, системска евиденција и отворени податоци за општествениот капитал, засилена одговорност и интегритет на институциите, одлуки базирани на податоци, како и континуитет и мотивација на човечките ресурси во јавната администрација.

Ова е заклучокот од 6. сесија на Работната група 6 – Антикорупција (Поглавје 5 – јавни набавки, Поглавје 18 – статистика и Поглавје 32 – финансиска контрола)  на тема „Административни капацитети за унапредување на вредноста на потрошени јавни средства: Што можеме да научиме од искуствата на ЕУ?“, која се одржа на 17 Јули 2025 во „Клубот на Пратениците“ во Скопје.

Повеќе информации може да најдете на страницата на НКЕУ – МК