На 12 декември, во Центарот за претприемништво и креативност на Економскиот факултет во Прилеп, Здружението за истражување и анализи ЗМАИ ја презентираше анализата за паметна специјализација со фокус на реален развој на Пелагонискиот плански регион. Настанот ги собра локалните експерти, претставници од општините и академската заедница, со цел да се дискутираат можностите и предизвиците за развој на регионот.
Со свои воведни обраќања, настанот го отворија деканката на Економскиот факултет во Прилеп, проф. д-р Драгица Оџаклиеска, и в.д. директорот на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, м-р Јосиф Балтов.
„Образовните институции се клучни во носењето развој во регионот и особено во паметната специјализација. Овој процес, кој претставува воведување на иновации и технолошки напредок во компаниите, почнува на универзитетите. Во Прилеп активно работиме на тоа да креираме квалитетен кадар и идни економисти кои ќе го развиваат регионот.“ – проф. д-р Драгица Оџаклиеска
„Пелагонискиот плански регион периодов подготвува стратегија за развој. Би ни било од особена важност да ги видиме резултатите од вакви истражувања со цел да донесеме поголем напредок во регионот.“ – м-р Јосиф Балтов
Презентацијата ги опфати наодите од националната анкета, фокус групите и акцискиот план, изготвен врз основа на предлози од секторите за локален економски развој во општините на регионот.
„Целта ни беше преку три типа анализи да покажеме каде ни се можностите за развој на регионот: кои дејности треба да се создаваат и во која насока да се движи. Во моментот, дејностите кои се активни во регионот не донесуваат соодветни развој и раст на платите, на работните места и на приходите на регионот за да може да продолжи развојот. Треба да се размислува на развој на финални и технолошки напредни производи. Голем простор за напредок има во сегментот огласување преку медиуми и финансиско работење. Но, предлагаме и креирање на бизниси кои се поврзани со постоечката понуда: модерни и разновидни туристички понуди, производство на опрема за параглајдеризам, финални земјоделски продукти и финални изработки од мермер со голема додадена вредност.“ – Јована Аврамовска
Добрата вест е дека, според анализата на јавното мислење, постои група на граѓани која потекнува од Пелагонија и би се вратила во регионот. Велат, платите не се најголемиот проблем, туку потребни се подобри услови за живот.
„Младите кои беа дел од нашите фокус групи, како и вработените во Пелагонија, својата иднина ја гледаат тука, доколку се подобрат условите за живот. Велат, потребно здравство, образование, инфраструктура и култура. Младите особено бараат кина, театри и спортски центри. Велат дека не може единствена понуда да бидат кафаните и кладилниците. Сепак радува фактот што тие сè повеќе се гледаат во регионот. Она што загрижува е дека, кога размислуваат за иселување, тоа не е во друг македонски град, туку надвор од земјата.“ – проф. д-р Димитар Николоски
Овој настан претставува значаен чекор кон подобро планирање и реализација на стратегии за одржлив развој на Пелагонискиот плански регион.
Проектот „Паметна специјализација за реален развој на Пелагонискиот плански регион“ е инициран со цел да се анализираат и идентификуваат потенцијалите за развој на Пелагонискиот регион, со фокус на економски, социјални и еколошки аспекти. Потребата произлегува од сегашната неискористеност на регионалните ресурси и потенцијали, како и од присутните предизвици кои го спречуваат неговиот одржлив развој. Проектот е поддржан од Министерството за локална самоуправа.






Скорешни коментари