Поттикнати од споменот за неуморниот и секогаш позитивниот истражувачки дух на Славица Тодоровска, позната како нашата Цаци, ни претставува чест да го објавиме првиот повик за Награда за млади квантитативни умови – „Славица Тодоровска”. Цаци беше извонредна личност која секогаш беше жедна за знаење и нови искуства. Таа активно учествуваше во креирањето на позитивни промени и веруваше дека може да создадеме подобро општество. Покрај сè, таа беше вистинска и искрена другарка. Во чест на нејзината посветеност и визија за подобра иднина, сакаме да и оддадеме почит и да продолжиме со нејзината мисија за подобро утре.
1. Цел на наградата
Во свет кој се менува со неверојатна брзина, потребата за свежи перспективи и иновативни пристапи кон економијата и општествените промен се повеќе од потребни. Младите, со својата креативност и способност да размислуваат надвор од рамката, носат непроценлива вредност. Нашата цел со оваа награда е да ги инспирираме и поттикнеме младите истражувачи да истражуваат и да развиваат иновативни идеи кои ќе ги опфатат актуелните општествени предизвици со кои се соочуваме во моментот. Преку овој конкурс, не само што ги препознаваме и поддржуваме визиите на младите, истовремено се стремиме да поставиме темели за позитивни промени во општествените концепции.
Оттука, ги повикуваме сите млади да ги поднесат нивните идеи во форма на труд, во кој ќе бидат разработени актуелни општествени проблеми, а во трудот задолжително ќе има квантитативен дел и анализа.
2. Право на учество и критериуми
Право на учество имаат сите државјани на Република Северна Македонија на возраст до 30 години. Вработените и членовите на извршните органи во ЗМАИ немаат право на учество на овој повик.
Доколку трудот бил претходно објавен или спонзориран од друга организација треба да се наведе соодветна референца на датум и место на објава.
Еден автор има право да поднесе само еден труд, самостојно или како коавторство, а трудовите се поднесуваат на македонски или на англиски јазик.
3. Информации за повикот
Предлог теми (но не ограничувајќи се на):
- Фискални стратегии за одржлив развој
- Нееднаквост на приходите и економски раст
- Вработување и динамика на пазарот на труд
- Економијата на климатските промени
- Образовни и социјални политики
- Иднината на монетарната политикa
Структура на трудот:
- Апстракт: Концизно резиме на истражувањето (не повеќе од 1200 карактери).
- Истражувачки труд: Сеопфатно објаснување на истражувањето, осврт на консултираната литература од областа којашто се истражува, опис на методите на истражување коишто се користат во трудот, анализа, вклучувајќи цели, заклучни резултати и импликации. (од 4000 – 7000 карактери).
- Препораки за јавни политики: Краток дел за тоа како наодите од истражувањето можат да ги подобрат јавните политики. (не повеќе од 2000 карактери)
- Дополнителни делови:
- Референци: не помалку од 10 референци
- Анекс документи (неограничен дел) : Релевантни графикони, дијаграми.
Трудот треба да е со фонт: Calibri и проред: 1.5cm.
Критериуми за оцена на трудовите:
- Оригиналност и иновативност (30%)
- Релевантност и актуелност (25%)
- Методологија (20%)
- Презентација и јасност (15%)
- Практични импликации и потенцијално влијание (10%)
4. Рокови:
- Објава за конкурсот: 15 септември 2023 година
- Краен рок за поднесување: 15 октомври 2023 година
- Објавување на победниците: 25 октомври 2023 година
5. Начин на пријавување:
Трудовите се прикачуваат на следниот линк: Награда за млади квантитативни умови – Славица Тодоровска. Покрај трудот, авторот треба да достави и биографија.
6. Награди:
Вкупен награден фонд во износ од 1000 евра, од кои се предвидува: 500 евра за прво, 300 евра за второ и 200 евра за трето место.
7. Важна напомена:
Комисијата го задржува правото да не избере трудови кои ќе бидат наградени доколку оцени дека ниту еден труд не ги исполнува критериумите. Во тој случај ЗМАИ ќе го поништи конкурсот.
Скорешни коментари