Почна оценувањето на отвореноста на општините за 2021 година. Во периодот пред нас тим од 10 независни истражувачи ќе ги разгледува буџетските документи објавени од страна на македонските општини.
Основна цел е добивање на сознанија за активностите кои ги спроведуваат општините во Република Северна Македонија за воспоставување на транспарентен, инклузивен, праведен и одговорен буџетски процес. Податоците добиени од Прашалникот се користат за пресметување на индексот на отворени општини.
Прашалникот се одговара во неколку фази: Во првата фаза, Прашалникот се пополнува од страна на независен истражувач. Во втората фаза, одговорите дадени од истражувачот се коментирани од страна на општината. Во третата фаза, се верификуваат забелешките од општината и на крајот се прифаќаат од страна на одговорното лице од Здружението за истражување и анализи – ЗМАИ. Секое прашање се одговара со приложување на емпириски доказ.
Истражувачите ќе одговараат прашања поврзани со:
- Транспарентност
Преку принципот на транспарентност се мери степенот на проактивност на општината во поглед на известувањето и информирањето на јавноста за целокупниот буџетски процес (од моментот на планирање, преку процесот на усвојување, до извршување и известување). Прашалникот се состои од 21 прашање кои се однесуваат на транспарентноста на општината. Тие опфаќаат прашања поврзани со објавувањето и пристапноста на следните документи: буџетски календар, предлог-план за програми за развој, предлог-буџетот на општината, буџетот на општината, ребалансот на буџетот, граѓанскиот буџет, како и активностите на општината на социјални мрежи поврзани со буџетскиот процес.
- Вклученост и правичност.
Принципот на вклученост ги опишува начините преку кои граѓаните, а посебно маргинализираните групи, се вклучуваат во буџетскиот процес. Поточно, дали овие групи можат да го искажат своето мислење за локалниот буџет и дали нивниот глас е слушнат. Правичноста, од друга страна, го мери степенот на застапеност на маргинализираните групи во различните фази од буџетскиот процес. Во Прашалникот се дефинирани 10 прашања за вклученост и правичност во буџетскиот процес на општината. Тие се однесуваат на активности поврзани со користење на социјални мрежи, јавни трибини, анкети за јавно мислење за добивање на предлози од граѓаните и начини кои општината ги употребува со цел поголема застапеност на маргинализираните групи во буџетскиот процес.
- Отчетност
Принципот на отчетност го мери објавувањето на резултатите од работата на локалните власти и на целиот буџетски процес до граѓаните. Прашалникот опфаќа 14 прашања за овој принцип и тие опфаќаат прашања поврзани со завршната сметка на буџетот на општината, извештаите за квартално извршување на буџетот, ревизорските извештаи и начините за објавување и реализирање на одредени програми за финансирање.
Индексот на отвореност на општините се прави на територијата на целата држава од 2020-та година.
Доколку сакате да дознаете повеќе за податоците од минатата година истите може да ги најдете на следниот линк:
https://zmai.mk/wp-content/uploads/2021/12/index-mk.pdf
Доколку сакате да го видите водичот кој ги содржи насоките и прашањата за истражувачите и општините истиот може да го најдете на следниот линк:
https://zmai.mk/wp-content/uploads/2022/08/metodologija.2022.pdf
Скорешни коментари