Здружението за истражувања и анализи ЗМАИ започна со свои активности во Африка со поддршка на Меѓународниот центар за локална демократија од Шведска. Дел од тимот на ЗМАИ минатите три недели ги помина во посета на неколку општини во Кенија, Уганда и Зимбабаве. Во текот на посетата Виктор Митевски и проф. Драган Тевдовски се сретнаа со локалните власти, локалната администрација, претставници на граѓанскиот сектор и различни засегнати групи на граѓани. Според нив, секоја држава има своја специфика и економски и политички се разликуваат, но има едно нешто кое го виделе кај сите соговорници, оптимизмот за иднината и желбата за подобрување на условите.

Соработката со Африканските општини има за цел да им помогне на овие администрации да ја подобрат партиципативноста во создавањето на локалните Буџети преку објавување на локални граѓански буџети. Со поддршка на Здружението ЗМАИ, треба да се подобри и двонасочната комуникација помеѓу општините и граѓаните и да се слушнат и внесат нивните барања во локалните Буџети.

Според извршниот директор на ЗМАИ Виктор Митевски, интересен е дигиталниот напредок на дел од земјите особено во однос на начините на електронско плаќање. Од друга страна се гледа и голем интерес кај сите да се демократизираат процесите на носење на Буџетите и во истите да се вклучат што е можно повеќе граѓани.

Професорот Тевдовски пак, зборуваше за желбата и еланот кај сите чинители и администрациите и граѓаните економијата и развојот да се туркаат напред.

 

Најголем впечаток ми остави оптимизмот на луѓето. Вербата дека работите можат да се променат на подобро. На секој состанок, независно дали зборувавме со локалната администрација или со граѓаните, сите без исклучок со ентузијазам даваа предлози што да се направи да се подобри партиципативноста во буџетскиот процес и беа заинтересирани да слушнат примери за успешни практики од други земји. Во економската теорија (според Кејнз) познато е дека економијата ја водат очекувањата на луѓето и секогаш кога тие се позитивни, тоа е силен сигнал дека економијата ќе расте и ќе се движи на подобро. А, ова е силен поттик и за нас да продолжиме да работиме во овие земји и во некои елементи да придонесеме за нивниот напредок. – вели професорот и екс-министер за финансии Драган Тевдовски.