Се одржа конференција на која се зборуваше за даночната и царинската политика на земјите од регионот, со фокус на трите земји – Р.С. Македонија, Р. Србија и Р. Албанија. Конференцијата беше организирана од Здружението за истражувања и анализи ЗМАИ, а поддржана од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Според истражувањето, слободното движење на стоки и услуги и развојот на регионалните економии се тесно поврзани со даночните и царинските системи на земјите.

За време на конференцијата, беа презентирани наодите од Анализата на даночните и царинските системи на трите земји. Посебен акцент беше ставен на препораките за  подобрување на даночните и царинските системи на земјите, со цел овозможување на поуспешна регионална интеграција. Ова е важен чекор, доколку земјите сакаат да се насочат кон Европската Унија и еден ден да станат дел од слободниот пазар.

За прв пат на ваков тип на настан говореше и главниот истражувач, екс министерот за финансии, проф. Драган Тевдовски. Според него, земјите од регионот мораат да креираат политики кои ќе значат вложување во човечкиот капитал. Тој предлага излегување од т.н. „трка кон дното“, кај директните даноци и креирање на политики со кои ќе се привлече висококвалификуван кадар. Се поголемата миграција ќе бара од земјите да вложуваат повеќе во човечкиот капитал.

Даночниот експерт Павле Гацов, напомена дека главна битка на државите од регионот треба да биде сивата економија. Таа овозможува нелојална конкуренција и истата го забавува развојот на приватниот сектор, но и на човечкиот капитал. Сивата економија, според Гацов, најдобро се намалува преку дестимулирање на трансакции во готово и намалување на готовинските плаќања. Овие мерки веќе функционираат во речиси сите Европски држави кои имаат успех во борбата против сивата економија.

Ксенија Поповиќ Коцевски, истражувачка од ЗМАИ рече дека има неколку сегменти кои би можеле да се подобрат во областа на царинските политики. Една од нив е целосното без хартиено работење, односно дигитализација на сите внатрешни и надворешни царински процеси. На тој начин би се намалила можноста за поткуп и корупција и би се поедноставило и забрзало работењето на границите. Во однос на намалувањето на царинските давачки и бариери, таа вели дека треба да се движиме во насока на нивно отстранување. Сепак клучно е заштитните механизми да се отстрануваат заеднички, од страна на сите земји во регионот.

Од страна на институциите и бизнис секторот, се обратија директорката на УЈП г-ѓа Сања Лукаревска, претседателот на трговската комора при ССК г-дин Сашо Дуковски и советникот на директорот на Царина г-дин Митко Димитровски.

По обраќањата, се отвори плодна дискусија со присутните во областите на подобрување на регионалната интеграција и улогата на даночните и царинските системи во земјите од Западен Балкан.