Се отвори новиот Центар за Претприемништво и Креативност лоциран на Економскиот факултет во Прилеп. Центарот е формиран во рамки на проектот BeCircular – Подобрување на вработеноста преку претприемништво и циркуларна економија кој е финансиран од програмата за прекугранична соработка (IPA CBC) на Европската Унија. Во проектот учествуваат организации од Република С. Македонија и Република Грција, ПиК центарот е направена од страна на Здружението за истражувања и анализи – ЗМАИ, во рамки на нивните проектни активности. Центарот е отворен на 23 март 2023 година и од овој момент е отворен за сите кои сакаат да го посетат и да ги искористат просториите кои ги нуди.

Младите од двете земји можат да работат заедно споделувајќи идеи и знаења и да ги унапредуваат концептите на претприемништво, креативните индустрии, циркуларната и био-економијата. Овие области нудат нови можности за развој на „зелени“ бизнис модели. Токму тие би можеле да значат и отворање на нови работни места за локалното население, како и нови бизниси кои би му дале дополнителна економска активност на регионот. – истакна во својата изјава претседателот на Здружението за истражувања и анализи ЗМАИ – г-дин Виктор Митевски.

На отворањето на новиот центар кој е направен со ко-финансирање од страна на Министерството за локална самоуправа се обрати и Министерот, г-дин Ристо Пенов.

Задоволство ми е што Министерството за локална самоуправа учествува во реализацијата со финансиска поддршка на партнерите од нашата држава, во износ од 15%. Со кофинансирањето на проектите, Министерството ги поттикнува сите носители на добри идеи да подготват проекти и да обезбедат нивно целосно финансирање од ИПА инструментот на Европската Унија. Министерството за локална самоуправа е одговорно за спроведување на ИПА Програмите за прекугранична соработка со сите соседни земји. Ова е одлична можност за институциите, за универзитетите, за граѓанските организации и за општините да реализираат заеднички проекти со партнери од соседните држави со кои што можат да направат позитивни промени во регионот– истакна во своето обраќање, г-динот Пенов

Ректорот на Универзитетот Св. Климeнт Охридски проф. Др. Игор Неделковски, на отворањето ја потенцираше важноста на ваквите проекти за студентите. Според него, инвестициите во претприемништво и циркуларна економија секогаш се враќаат во заедниците. Како во економска и финансиска смисла, така и во поглед на екологија и создавање на нови, зелени бизнис решенија. Тој верува дека студентите и младите претприемачи ќе го користат новиот простор да ги развијат најнапредните идеи. Зошто да не, можеби идниот голем старт-ап во Пелагонија ќе дојде од овие клупи. На настанот се обрати и деканката на Економскиот Факултет во Прилеп – Проф. д-р Драгица Оџаклиеска. Таа истакна дека факултетот е горд што има ваков центар во своите простории.

Центарот е целосно во согласност со визионерскиот изглед на Економскиот Факултет каде студентите и колегите кои предаваат предмети од областите на претприемништвото и иновациите ќе имаат прекрасен простор за развој на нивните идеи и знаења. Како образовна и научна установа, Економскиот Факултет во Прилеп, ќе може да понуди прекрасен простор за сите сегашни и идни претприемачи и креативци. Развојот пак на концептите како Циркуларна и Био-Економија се иднината на целосната економија и горди сме што сме дел од иницијативи како оваа кои ги поддржуваат и промовираат овие области.

Овој Центар треба да стане место каде студентите и младите македонски претприемачи од Пелагонискиот регион, ќе ги развиваат своите претприемнички идеи и ќе создаваат услови за развој на локалната економија. Младите претприемачи и креативци, конечно ќе имаат свое катче во Прилеп, каде ќе можат да создаваат, да се дружат и да креираат заедно.