Пандемијата за младите донесе намалени плати и нарушено ментално здравје како резултат на промените во нивното секојдневно функционирање кое го предизвика пандемијата. Младинската невработеност е зголемена за 4%, додека само 8% од владините спефицифични кризни мерки се однесувале за младите луѓе, кои и тешко пристапуваа до помошта што требаше да им следува од властите.
Ова се дел од податоците што денеска беа изнесени на прес-конференцијата во Агенцијата за млади и спорт, кои произлегоа како резултат на соработка меѓу група младински организации, кои го промовираа документот “Млади во криза 2.0”.
Блажен Малески, истражувач од „Реактор“, ја наведе картичката „Купувам домашно“ како најголема мерка предвидена за поддршка на младите од страна на Владата, каде во првите месеци на кризата само редовните студенти и средношколците, т.е. само оние од формалното образование добија 3.000 денари. Со тоа, на останатите студенти им се скрати правото да ја користат оваа мерка и покрај големиот број на приговори кои беа упатени.
Истовремено потенцирано беше дека останатите предвидени мерки како што се „Мерките за домување, партиципација за универзитети, ИТ обука и дообука биле недоволно искористени и планираните финансиски средства останувале во буџетот.
Бирократскиот процес беше претежок за младите или немале сите еднаков пристап до самите мерки, кои не беа за сите млади, туку конкретно за специфични групи“, потенцираше Малески.
Истовремено и младинските организации не биле доволно вклучени во процесот на креирање и донесување на мерки наменети за младте.
„Воопшто не беа консултирани младински организации, ниту пак други видови на младинско здружување. Не беа целисходни самите мерки како такви, а како резултат на кризата гледаме зголемување на младинската невработеност од 4%. На долг рок ваквата криза ќе има трајни последици врз младите, уште повеќе ќе го отежни пристапот до пазарот на трудот, првото работно место и продолжување на кариерните цели“, посочи Малески.
Осврнувајќи се на примањата на младите, Виктор Стојкоски од ЗМАИ рече дека ги анализирале податоците од УЈП за периодот од февруари до јуни 2020. Првата забелешка е дека ефектот од доходот кај младите во првиот бран не бил во губење на работни места, туку губење на плати.
„Покрај тоа што стапката на вработеност на младите лица останала на слично ниво за време на првиот бран, платите на младите лица многу се намалени. Во февруари, просечната плата кај младите лица била 19.800, за во јуни да изнесува 19.300 денари. Ова е пад од 2,6%. За споредба, просечната плата на ниво на цела држава во февруари изнесувала 24.300, а во јуни 23.900 денари, што е пад од 1,8%“, рече Стојкоски.
Според истражувачот од ЗМАИ, бројот на млади кои имале примања под минималната плата пораснал од 27.149 во февруари на 31.755 во јуни, а нивното учество во целата популација на млади кои имале примања се зголемило од 32% на 37%. Стапките на пад на примања за време на пандемијата се најизразени кај младите и жените.
„Оваа разлика ја зголемува нееднаквоста меѓу нив и останатите групи, што значи дека мерките треба да бидат дизајнирани за нивна поддршка“, посочи Стојкоски.
Според Теодора Столевска од МОФ, додека младите ќе претрпат најмногу економско-социјални последици од кризата, нивната благосостојба може да се подобри преку брзи и правични политички решенија..
„За образованието да не биде прекинато за ниту едно дете треба да се обезбедат услови за пристап до наставата, особено за младите кои немаат дигитални уреди, кои не се во образовен систем и кои се од економски помалку моќни семејства. Образованието на далечина да стане достапно и за учениците со попреченост“, истакна Столевска.
Како една од мерките за која се потребни итни реформи во образовниот процес е обезбедување на сервисни линии за психолошка поддршка и линии за жртви на семејно насилство. Во однос на еднаквото образование за сите, рече таа, воведување на сеопфатното сексуално образование во сите степени на образование е уште еден начин државата да докаже дека е грижлива за секој млад човек и сите млади имаат подеднакво пристап до информации кои се неопходни за нивното физичко и ментално здравје.
Законот за младинско учество и младински политики не треба да чека да заврши кризата, треба да се работи на неговата имплементација, заедно со младинските организации. Препорака има и до младите – волонтерството, младинската работа и активизам треба да опстојат.
Останува младинските организации континуирано да ги следат предизвиците со кои младите се соочуваат секојдневно и да се предложат конкретни препораки за нивно решавање до властите.
Дополнителните сознанија може да ги погледнете во прилогот на Al Jazeera Balkans.
Членки на иницијативата „Млади во криза“ се МОФ, Реактор, ЗМАИ, ХЕРА, Центар за интеркултурен дијалог, Сојузот на извидници, Младински сојуз – Крушево, Еквалис, Писхотерапика, ХОПС, НМСМ, Хелсиншкиот комитет за човекови права и АРНО. Процесот на криерање на документот и анализите беше поддржан од Фондацијата за демократија на Вестминстер преку Иницијативата за демократија на Западен Балкан.
Скорешни коментари