Истражувачите од Здружението за истражувања и анализи ЗМАИ, ги презентираа наодите од последното истражување во областа на образованието. Презентирани ставовите за Концепцијата за основно образование на родителите и наставниците на деца од 1-во и 4-то одделение (учебна 2021/22) во 11 општини каде, меѓу другото се одржува настава на јазиците на помалите етнички заедници.

Од анализата и истражувањето се гледа потребата за подобрување на инфраструктурата и зголемување на инвестициите во образованието.

Според нашите анализи, Концепцијата е добра основа на која треба да се темели понатамошниот развој на образовниот систем. Продолжениот училишен ден е една од клучните организациски промени која треба да ја донесе Концепцијата. За да се постигне ова, потребно ќе биде сите училишта во земјата да работат во една смена, а за да го постигнеме тоа ќе биде потребна изградба на нови училници скоро во сите општини низ Македонија. Од друга страна пак, мнозинството наставници и родители кои одговорија на нашите анкети, го поздравија воведувањето на иновативни методи за настава и учење (62% од родителите се согласуваат дека за време на часовите наставниците користеле иновативни методи). Сепак, тие истакнуваат дека потребна е подобра информациско-технолошка инфраструктура и повеќе обуки за образовниот кадар. – истакна во своето обраќање Виктор Митевски, претседател на ЗМАИ.

Истражувањето е направено во рамки на проектот “Подготвеноста на основните училишта за спроведувањето и ефектите од реализацијата на наставните програми од Концепцијата за основно образование”, поддржан од Фондација отворено општество. Во рамки на проектот, неслучајно беа разгледувани општините каде се одржува настава на јазиците на помалите етнички заедници. Според Наташа Анѓелеска – постара програмска координаторка од ФООМ, децата од овие заедници се соочуваат со уникатни предизвици во наставата.

Фондацијата отворено општество – Македонија неколку години наназад работеше на поддршка на училишта од помали средини и со јазик на настава од помалку бројните етнички заедници во државата. Ние се обидовме во 10 училишта во кои наставата се изведува на јазиците на помалку бројните заедници, а ја следат околу 5.000 ученици на турски, босански, српски јазик, да ги компензираме недостатоците од дидактички материјали, библиотечен фонд, но и опрема, преку набавка и дистрибуција на истите. На пример во училиштата дониравме техничка опрема неопходна за реализација на современа и онлајн настава: преносни компјутери, десктоп компјутери, печатачи, смарт-табли, ЛЦД проектори, таблет уреди со интернет картички за 350 деца од социјално загрозени семејства во истите училишта, итн. Дополнително ФООМ ја поддржа иницијативата за воведување нова Концепција за основно образование и минатата година го помогна печатењето на материјали за учење на јазиците на помалку бројните заедници во прво одделение. Сметавме дека вакво истражување преку собирање податоци од терен и вклучување на гласот на родителите и наставниците ќе помогне да се креираат ефикасни интервенции, а најважно од се‘ и политики за подобар квалитет на образованието за секое дете.

Директорот на Бирото за образование, Зеќирија Хасипи, во своето обраќање се фокусираше на улогата на Бирото во носењето на концепциите и наставните планови. Тој истакнува дека поради важноста на концепцијата, а со цел успешно спроведување, Бирото за развој на образованието, се фокусирало на изработка на материјали, програми и обуки за наставниците и децата кои што се дел од концепцијата за основно образование. Минатата учебна година, 2021/2022, тоа беа учениците од прво и четврто одделение, а годинава, 2022/2023, учениците од второ и петто одделение. Според директорот, концепцијата, минатата учебна година, овозможи бирање на активности за учениците од прво одделение и предмети кои ќе ги изучуваат, во четврто одделение. Важно за Бирото, како и за помалите етнички заедници, е дека реформата е спроведена на сите јазици (македонски, албански, босански, српски, турски) и  се изучува јазикот и културата на заедниците.

Дел од презентираните наоди од анализата на ЗМАИ, која ја презентираше, главниот истражувач Горан Мојаноски, упатуваат на  високо ниво на согласност кај родителите (71%) дека учениците кои следеле настава на јазиците на помалите етнички заедници имале зголемено чувство на припадност кон општеството.

Испитаниците ја поздравуваат иновативноста која ја нудат новите технологии. Според нив, таа помага за побрзо учење кај децата. 62% од родителите се согласуваат дека за време на часовите наставниците користеле иновативни методи, кои го олесниле учењето на нивното дете, а слично ниво на согласност (64%) се јавува и кај одговорите од наставниците. Останува препораката покрај дигиталните алатки, да се користат и печатени материјали и учебници. 86% од родителите сметаат дека тие се потребни.

По презентацијата на наодите од анализата на ЗМАИ, следеше продуктивна дискусија на која учествуваа: истакнати универзитетски професори, градоначалници од општините во кои беа спроведени истражувањата, претставници од меѓународни организации кои работат во областа на детскиот развој и образование, претставници на државните институции од областа на образованието и унапредувањето на правата на помалите етнички заедници и експерти од областа.