Се одржа конференција на тема „Храната и новите технологии“. На дискусијата во форма на тркалезна маса главен збор имаа експерти и професори од македонските факултети и институции. Целта на оваа конференција, која беше насочена кон стручна јавност беше да се презентираат некои од најновите корисни технологии во областа на храната. Професорките Соња Ивановска и Гордана Попсимонова од Факултетот за земјоделски науки и храна, зборуваат за најновите трендови во производството на семенски материјал, генетика и одгледување на градинарски култури во контролирани услови. Професорката Јана Клопчевска од Технолошко-металуршкиот факултет ги опфати темите поврзани со Биотехнологија, производство на функционална храна и менаџирање со остатоците од храната како суровина. Д-р Катерина Геразова – Ефремова од Секторот за нови прехранбени технологии во Агенцијата за храна и ветеринарство говореше за улогата на институциите во гарантирање на безбедноста на храната.

Професорката Соња Ивановска зборуваше за генетиката и создавањето на нови, подобрени сорти, кои денеска се прават многу попрецизно, преку таканаречените Нови геномски технологии (New Genomic Technologies) и прецизното вкрстување (Precision Breeding).

  • Човекот секогаш се трудел и успевал да направи промени кај растенијата кои ги користи за исхрана. Се тоа ова го правел со цел да добие повеќе и подобар производ. На пример, доматот кој денеска го јадеме е создаден преку процес на селекција, тој потекнува од домат чии плодови биле мали и токсични. Она што денеска технологијата ни го нуди е промените да ги правиме подобро и попрецизно, со помала можност за грешка. Ако селекцијата и вкрстувањето се прави од страна на земјоделецот, повторно имаме промена на растението. Но, таа промена може да биде добра, или да биде штетна, а резултатот ќе го знаеме по неколку берби. Технологијата ни овозможува да добиваме подобри сорти, и поточни информации за храната која ја јадеме. – истакнува проф. Ивановска.

Таа зборуваше и за тоа во која насока се движи светот и Европската Унија. На меѓународните пазари веќе има неколку иновативни продукти добиени со новите геномски технологии. Па така, го имаме доматот – Sicilian Rouge Tomato, кој е збогатен со киселина која го намалува крвниот притисок и опушта. Оваа состојка ја има кај зелениот домат, но при процесот на зреење се губи кај црвениот. Научниците преку деактивирање на ензимот кој ја разложува истата, успеале да добијат црвен домат, кој ја содржи оваа состојка. На тој начин ваквата храна може да им помогне на луѓето со повисок крвен притисок. Она што недостасува е соодветна регулатива која би ги регулирала овие сорти, со цел истите да можат да дојдат и на нашите пазари. Професорката Ивановска е оптимист, дека македонската регулатива со тек на времето ќе се приспособи на европската, но истакнува дека е важно и самите да вложуваме во Биотехнологијата.

По дискусијата за новите технологии во производството на нови сорти и генетиката, следна тема која беше разгледувана беше начинот на одгледување. Професорката Гордана Попсимонова, накратко својата област ја објасни како изучување на одгледувањето на зеленчук. Сепак, темите за кои зборуваше беа покомплексни. Таа ги опфати новите технологии во т.н. контролирани услови за одгледување на храна. Според професорката, со растечкиот број на население во светот, ние мораме да бараме алтернативни начини за одгледување на зеленчуците. Доколку продолжиме на овој начин, со прекумерна експлоатација на почвата, за да добиеме минимален принос, ни се заканува огромен проблем со сеча на шумите и еколошки катастрофи.

  • Уште од 80тите години зборуваме за алтернативни начини на одгледување на растенијата. Еден од овие начини е т.н. Хидропонија. Односно одгледување на растенија во вода. Ова ни помага да го намалиме или исклучиме користењето на почвата, а сепак да добиеме квалитетен производ, полн со минерали и без употреба на пестициди. Она што е најшокантно е дека во ваквите системи имаме и помало користење на водата, затоа што таа циркулира. Професорката зборуваше и за одгледувањето зеленчук во урбани средини во т.н. фабрики за храна, каде би се одгледувале одредени видови на храна, близу до урбаните центри. Така би добиле доволно храна, но и повкусна храна, затоа што не би имале потреба за долг транспорт. – објаснува професорката Попсимонова.

Професорката објаснува дека пластичниот вкус на растенијата доаѓа од тоа што местото на нивно одгледување е се подалеку од местото каде тие се конзумираат. Па така, на растенијата не им се дозволува да дозреат и да дојдат во фаза кога се највкусни. Тие се берат прерано за да се транспортираат. Доколку зеленчукот расте блиску до урбаните центри или во урбаните центри, тогаш тој ќе може да се бере кога ќе достигне соодветна зрелост за јадење. Како пример за ова го дава скопскиот јабучар, домат кој е гордост на скопјани.

Циклусот на производство на храна на конференцијата го затвори проф. Јана Клопчевска од Технолошко-металуршкиот факултет. Таа истакна дека светот оди напред со брз чекор. Зборуваше за тоа дека и кај нас веќе се произведуваат функционални производи кои ни нудат решенија за одредени проблеми. Дел од овие производи се кроасани кои се здрави за јадење, грицки кои имаат вкус на чипс, но содржат здрави состојки, пакувања кои се јадат или пак пакувања кој ја менуваат бојата за да ни покажат дека одредена храна или месо е расипана и слично. Таа вели дека благодарение на технологијата многу луѓе ќе можат храната да ја користат како замена за одредени терапии. Пациенти кои не смеат да јадат глутен од одредени причини, благодарение на овие процеси имаат можност да уживаат во храната која ја сакаат – како паста или леб. Професорката Јана зборуваше и за отпадот од храна, кој воопшто не треба да се третира како ѓубре.

  • Во градската лабараторија за биотехнологии која ја отворивме годинава, секој граѓанин или компанија може да донесе отпад и истиот да се претвори во производ. Направивме над 30 производи од отпад од храна вклучувајќи: кожа од камбуха, етерични масла од портокал, пелети за греење и цемент од разни типови на отпад, прав од калинка за органски креми против стареење и слично. Со користење на технологијата и подигнување на јавната свест она кое го фрламе можеме да го трансформираме во нешто кое ни е потребно. Овие процеси ќе отворат нови работни места и директно ќе помогнат да се зачува природата.

Официјалниот дел го заокруживме со д-р Катерина Геразова – Ефремова од Агенцијата за храна и ветеринарство од секторот за нова храна. Таа зборуваше за тоа каков е процесот за влез на нова храна во земјава, но и за нејзиното искуство во работењето во EFSA (European Food Safety Authority) – Европското тело за безбедност на храната. Геразова – Ефремова била дел токму од тимот за испитување на нови типови на храна во ЕУ.

  • Кога зборуваме за нова храна, односно „новел“ храна тоа е нешто кое е ново или иновативно, невообичаено за пазарот на кој доаѓа. Но, кога новата храна е квалитетна и безбедна потрошувачите лесно се приспособуваат кон неа. Низ нашите контроли поминувала и храна како чиа семето и киноата, кои денеска се широко прифатени. Веќе во маркетите го гледам и фасилис плодот кој исто така е новина на македонскиот пазар. Се повеќе се зборува за одгледување на инсекти како замена за протеинот од животинско потекло, додека пак светот се пренасочува на производство на месо во лабораториски процес. Овие можности можат да дадат решение на многу состојби кои се штетни за природата, како преголемото количество на CO2 во воздухот при производството на месо на традиционален начин. – објаснува д-р Катерина Геразова – Ефремова од АХВ.

Општите барања за сите типови на храна кои влегуваат на пазарот се: храната да биде безбедна за јадење, да биде соодветно означена и транспарентно, ако треба да замени одредена храна таа треба да биде барем исто толку нутритивна и да биде веќе одобрена и безбедна за потрошувачка.

По презентацијата на говорничките беше отворена дискусија за присутните на темите поврзани со храна и нови технологии. Голем дел од дискусијата се фокусираше на изнаоѓање на решенија со кои би се прехраниле гладните во светот, безбедноста кога е храната во прашање, како и решенијата на еколошките проблеми со помош на нови технологии. Презентирани беа и наоди од анализа на јавното мислење според кои над 60% од испитаниците дале висока оцена (4 и 5) за тоа дека во Македонија треба да се инвестира во Биотехнологија. Оваа дискусија треба да биде почеток на отворање на темите за новите технологии и можностите кои ги нудат кога е храната во прашање. Неслучајно говорници конференцијата беа истакнати професорки и професионалци од областа на храната кои својот углед го базираат на постојано научно унапредување и долгогодишни истражувања во овие области.