Здружението за истражување и анализи ЗМАИ и УНИЦЕФ со поддршка од Светската Банка и Министерството за образование и наука организираа обуки за просветните инспектори. На оваа обука беа детално споделени можностите за подобрување на училишните мрежи во земјава. Тимот на ЗМАИ повеќе од 3 години работеше на собирање на податоци, истражување и анализа на состојбите и дискусии со локалните власти и граѓаните во македонските општини. Целта на работата на ЗМАИ е секое дете да добие стандарден квалитет на условите во кои го стекнува своето образование. Главен приоритет во работата на овој проект се децата, учениците и нивните реални потреби за постигнување на рамномерен квалитет на наставата. Во услови кога ресурсите за образование се ограничени и недоволни мораме да работиме на нивно подобро, оптимално искористување. Сите учесници во образовниот процес треба да бидат обучени за тоа како, да ги користиме нашите ресурси најповолно во насока на обезбедување на праведни услови за секое дете, во секоја општина и место во земјата.

Главни обучувачи на работилницата со инспекторите беа: Вера Кондиќ Митковска – специјалистка за образование од УНИЦЕФ со долгогодишно искуство во областа на образованието, Виктор Митевски – главен истражувач во областа на состојбите на образованите капацитети и финансирање на образованието и извршен директор на ЗМАИ и Наташа Анѓелеска – доктор на педагошки науки со долгогодишно искуство и ангажман на програми и проекти во образование во делот на професионален развој и образование на наставници и поддршка на образованието на маргинализирани групи.

Целта на оваа обука беше да се обучат инспекторите за процесот на оптимизација со цел да има одржливост и континуирано пренесување на знаењето во рамки на институциите задолжени за образовните процеси на централно и локално ниво.