ЗМАИ започна како желба на седум магистранти на статистика кои имаа жалба да донесат позитивни општествени промени преку промислени политики и истражувања базирани на докази. Во почетоците, кога нашите амбиции беа големи, но нашите ресурси беа мали, кога секој мал успех се чувствуваше како огромен скок, и кога нашата решителност беше тестирана, не од големината на нашите достигнувања, туку од силата на нашата волја да истраеме, покрај нас беа лојалните поддржувачи и посветени партнери, донаторите и членовите. Ви благодариме на сите за овие години успешна соработка.
Уште од нашето основање на 20.10.2014 година непрекинато ја следиме нашата мисија да го поттикнеме истражувачкиот дух кај младите преку истражувања кои ќе донесат позитивни промени во општеството. За таа цел, од оваа година па натаму, секој роденден ќе се доделуваат награди за “Конкурсот за млади квантитативни умови – Славица Тодоровска“. Наградата го носи името Славица Тодоровска – Цаци, една од нашите основачи која прерано не напушти. Нејзината желба за истражување и нудење решенија на проблемите со кои се соочуваат младите продолжува да биде водилка на ЗМАИ.
На конкурсот пристигнаа 10 трудови, богати со податоци и анализи на разновидни теми. Беше вистинско задоволство и чест да се оценуваат трудовите на овие талентирани млади истражувачи од страна на стручната комисија. Благодарни сме што имаме вакви млади, квантитативни умови кои сакаат да направат промена во општеството базирана на факти и податоци.
На прославата ги доделивме наградите на првонаградениот Слободанчо Ѓорѓиев кој го презентираше трудот “Динамика и детерминанти на инфлацијата во развиените земји и земјите во развој – компаративна анализа со примена на VECM пристап” и на второнаградениот Кристијан Фидановски со трудот “What Policy Functions Are Reflected in the Variation in Child Benefits by Child Age and Birth Order? An Analysis of 27 European Countries.”
Преку својата посветена работа ЗМАИ ќе продолжи да придонесува за подобро утре на сите, а преку нашите активности ќе ги мотивираме идните генерации да се застапуваат за политики кои ќе ја подобруваат нивната положба во општеството. Затоа, ги прославуваме не само годините зад нас, туку и патувањето пред нас, со желба за континуирани иновации, непоколеблива посветеност и заеднички успеси. Благодарни сме на овие девет години постоење и се радуваме на уште многу години кои доаѓаат.
Скорешни коментари