Според анализата која ја направи истражувачкиот тим на ЗМАИ, податоците покажуваат дека вкупниот број на нови невработени лица во 2020 година во однос на 2019 година се зголемил за 128%. Конкретно, во 2020 година има 6783 нови невработени лица. За споредба, во 2019 година имало 2971. Истовремено, процентот на невработеност кај младите е значително повисок во однос на останатите години. Дури 15% од младите учествуваат во невработеноста. 

Сознанијата покажуваат дека речиси во сите општини бројот на нови невработени лица по основ на одјавување од задолжително социјално осигурување кои доаѓаат од текстилната индустрија се зголемува. Петте општини со највисок пораст на невработеноста се: Штип, Тетово, Скопје, Прилеп и Куманово. Овие пет општини се всушност едни од општините каде што текстилната индустрија е најразвиена и има најмногу активни субјекти во овој сектор. Кај младите лица до 29 години, бројот на невработени исто така се зголемува. Петте општини со највисок пораст на невработеноста кај младите се: Штип, Струмица, Радовиш, Прилеп и Кочани.

Најчест основ за прекинување на работниот однос во текстилната индустрија, во последните 5 години е истекот на определено време. Во 2020 година овој основ бележи раст од 123 %. Во овој период најголем раст за раскинување на договорот за вработување е присутен кај основот отказ на работодавачот и истиот изнесува 174%.

Најчестата причина за престанок на работниот однос во текстилната индустрија кај младите до 29 години, пред и за време на кризата е истекот на определено време. Порастот на овој основ во 2020 година во споредба со 2019 година е 165.5%. Сепак најдоминантен пораст за престанок на работниот однос во 2020 во споредба со 2019, бележи основот отказ од работодавачот со пораст од 234%, а потоа следи основот отказ од самиот работник со пораст од 225%. Инфографикот со целосен графички приказ на добиените сознанија може да го погледнете тука.