Неделава се одржа натпреварот за најдобар средношколски бизнис модел – Pitch-ирај во мај за најдобар средношколски бизнис модел. Натпреварот беше организиран од Здружението за истражувања и анализи ЗМАИ во рамки на проектот BeCircular кој има за цел да го поттикне вработувањето преку претприемништво и циркуларна економија.
Средношколците од пелагонискиот регион имаа можност да ги претстават своите бизнис модели така како што би ги претставиле пред потенцијални инвеститори.
Натпреварот се одржа во новиот центар за Креативност и претприемништво креиран во рамки на истиот проект во просториите на Економскиот Факултет во Прилеп. Стручното жири беше составено од: Виктор Митевски, извршен директор на ЗМАИ, Проф. д-р Никола Димески од Економскиот факултет од Прилеп, Проф. д-р. Рената Петровска Нечкоска универзитетска професорка и претставник од институтот ГАУС и Сања Митровска, извршна директорка на Нетврокер.
Победи тимот од Ресен! Учениците од средното училиште „Цар Самоил“, Стефани Андоновска, Емине Назифовска, Илина Наумовска, Зорица Нечовска и Давид Поповски со својата мотивација, подготвеност и истражување на пазарот освоија највисоки гласови од жири комисијата.Бизнис моделот на младите претприемачи е да се направи органско средство за заштита на растенијата и насадите, природен пестицид од коприва. Идеата ја добиле од нивното непосредно опкружување, со цел ресенчани да произведуваат органски и квалитетни јаболка без да ја загадуваат природата. Иако се средношколци од I година, нивното претставување на производот беше како на искусни претприемачи.
За нивниот успех се заслужни и менторите Дијана Ѓорѓиевска, Валмира Незири и Орхан Зејнел кои беа дел од обуките за наставници организирани од ЗМАИ.
.
Сите тимови кои се претставија на натпреварот имаа одлични презентации. Тие создадоа 5 бизнис идеи меѓу кои: маска за телефон од рециклирани материјали со вграден соларен панел за полнење на телефонот, облека од рециклирани материјали со вграден QR код за попуст со цел истата да се враќа за повторна употреба, бизнис модел преку кој ќе се собира стара бела техника и ќе се добиваат поволности при купувањето на нова, ресторан кој од отпадот од храна ќе произведува компост (ѓубриво) за земјоделците во областа и победничката идеја.
Сите тимови добија симболична парична награда која можат да ја искористат за да ја развијат понатаму својата идеја. Тие добија и можност за учество на настан каде би можеле да ја презентираат својата идеја пред потенцијални инвеститори. Победничкиот тим ќе добие и учество на Дизајн спринт програмата на Нетврокер за развој на бизнисот во вредност од 5000 евра која ќе ја следат заедно со претприемачи.
Натпреварот е реализиран и финансиран во рамки на проектот BeCircular – Проект за поттикнување на вработувањето преку Претприемништво и Циркуларна економија ко-финансиран од Европската Унија преку ИПА програмите за прекугранична соработка.
Содржините споделени во текот на овој настан се одговорност само на Партнерите дел од Проектот BeCircular и не можат да бидат толкувани како официјални ставови на Европската Унија, земјите членки на Унијата и нејзините управувачки тела.
Скорешни коментари