Здружението за истражување и анализи ЗМАИ во рамките на проектот „Центар за јавни политики“, поддржан од Цивика Мобилитас, одржа завршен настан каде беа промовирани 11 истражувачки трудови од 12 граѓански организации. Трудовите беа изработени од страна на локални граѓански активисти кои во изминатите 15 месеци, земаа учество на обуки за јакнење на истражувачките капацитети во локалните граѓански организации.
Обуките покриваа 8 модули: Анализа на опкружувањето, Дескриптивна анализа, Статистички примерок и анализа на податоци, Тестирање на хипотези, Статистичко заклучување, Поддршка во изборот на тема за истражување во зависност од областа на делување на граѓанската организација, Креирање на јавни политики и Прикажување на сознанија од истражување.
За време на настан учество земаат претставници на сите граѓански организации кои беа дел од проектот, а воведно обраќање имаат извршниот директор на МЦМС, Александар Кржаловски и Проектниот координатор на проектот Артан Сулејмани.
На прашањето: „Која е улогата и колку се важни граѓанските организации, кои дејствуваат на локално ниво, и како можат тие да го зголемат нивното влијание од локално, на регионално, па и национално ниво?“, Александар Кржаловски рече: „Цивика Мобилитас програмата се труди да ги поддржува и поттикнува помалите организации, за да се растури дисбалансот кој е постојан. 68% од организациите се регистрирани во Карпош и во Центар. Се трудиме покриеноста да биде 50-50, со организации од другите градови, за да се балансира колку може. Иако трендот е, и во цел свет, да се оди кон мегалополисите и централизација, за жал.“ Сулејмани, одговори на прашањето, нагласуваќи дека: „Една од нашите цели беше да ги одбереме организациите кои што се најквалитетни, но многу побитно е да имаме рамноправна застапеност од сите региони, а посебно организации кои работат на локални проблеми.“
Објавувањето и промоцијата на истражувачките трудови ќе следи во текот на месец Октомври, а застапувачките активности ќе продолжат во континуитет, како од страна на ЗМАИ, така и од локалните организации.
Скорешни коментари