Во текот на последните месеци Здружението за истражување и анализи ЗМАИ работеше на анализа на податоците достапни од Државниот завод за статистика. Од анализата на сезонски прилагодените (со census X12) месечни податоци на индустриско производство на подиндустриите: производство на текстил, производство на облека и производство на кожа за периодот од јануари 2018 година до декември 2020 година дојдено е до констатација дека постои изразено намалување на индустриското производство во два последователни месеци, март и април 2020 година, односно во периодот кога беа воведени и стапија на сила строгите мерки за ограничување на движењето на населението.
Индексите на индустриското производство на под индустриите: производство на текстил, производство на облека и производство на кожа без сезонско прилагодување само за 2020 година покажуваат дека индустриското производство силно опаѓа во месец март во однос на февруари и индустриското производство продолжува со неговото изразено опаѓање во април во однос на март. Во мај и јуни индустриското производство бележи изразен раст, а понатаму неговите вредности се движат согласно сезонскиот карактер во производството на овие под индустрии.
Производството на облека и производството на кожа бележат опаѓање во структурата на производство
Од анализата на структурата на производство на под индустриите за периодот од 2018 до 2020 година дојдено е до заклучок дека Производството на текстил бележи константен пораст во структурата на производство во анализираниот период, а значително расте во текот на 2020 година, кога започнува пандемија со Covid-19, а од друга страна Производството на облека и производството на кожа и слични производи од кожа во анализираниот период е забележано дека бележат константно опаѓање во структурата на производство.
Може да се констатира дека во 2020 година, кога започна пандемијата со COVID – 19, се карактеризира поизразена промена на учеството на додадената вредност на подиндустриите во индустриското производство. Инфографикот со клучните сознанија и движења во индустриското производство може да го погледнете тука.
Анализата е изработена во рамки на проектот „Одговор на социо-економските ефекти од КОВИД-19 преку поддршка на ранливите групи на ниско-платени работници, работници кои се дел од неформалната економија и привремено вработени работници”, што го спроведува конзорциум од 6 организации составен од: Институт за економски истражувања и политики Finance Think – Скопје; Здружение за истражување и анализи ЗМАИ – Скопје; Аналитика – Скопје; Здружение Гласен текстилец – Штип; Здружение за унапредување и заштита на правата на работниците Достоинствен Работник – Прилеп; и Здружение за рурален развој ЛАГ Агро Лидер – Кривогаштани, со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Скорешни коментари