Горан Мојановски, кој е долгогодишен член и поранешен претседател на ЗМАИ, ја понесе и титулата д-р на науки по Статистички методи за бизнис и економија. Тој пред комисијата составена од професорите: Владимир Филиповски, Весна Буцевска, Сашо Арсов, Драган Тевдовски и Александар Наумовски, го претстави својот докторски труд. Темата која ја одбра е: „ ПРИМЕНА НА ЕКОНОМЕТРИСКИ МОДЕЛИ ВО ИДЕНТИФИКУВАЊЕ НА ДЕТЕРМИНАНТИТЕ НА РАЗВОЈОТ НА ПАЗАРИТЕ НА КАПИТАЛ ВО МАЛИ И ОТВОРЕНИ ЕКОНОМИИ ВО РАЗВОЈ“.
„Трудот на Горан Мојановски претставува сеопфатна, комплексна, научно издржана и целно насочена дисертација, која низ теориско и емпириско истражување третира една мошне современа и актуелна материја, која не е многу обработувана и елаборирана од страна на македонската научна и стручна јавност. Овој уникатен карактер на трудот посебно е нагласен со добиените резултати и сознанија од самото истражување во трудот.
Во овој труд се применети квантитативни и теориски алатки кои отвораат неколку прашања во врска со развојот на пазарот на капитал во мали и отворени економии. Едно од прашањата што се во фокусот на истражувањата во овој труд е дали развојот на пазарот на капитал во мали и отворени економии директно произлегува од развојот на економијата во земјата. Друго прашање се однесува на тоа дали пазарот на капитал е последниот пазар меѓу финансиските пазари што се развива. Развојот на пазарот на капитал е дел од процесот на развој на финансискиот систем, па оттука дали пазарот може да се развие во отсуство на финансиски систем кој е развиен и балансиран. Со овој труд се отвора прашањето дали пазарот на капитал може да ја намали улогата на банките во мали и отворени економии во развој. Во последно време сè поактуелно станува интегрирањето на пазарите на капитал во унии на пазари на капитал, па оттука се поставува прашањето дали може да се процени ефектот од ваквите унии врз развојот на пазарите на капитал и, воопшто, врз економскиот развој за мали и отворени економии.“ се вели во рецензијата на Комисијата за оценка на трудот.
Целосната рецензија може да ја најдете на слениот линк: https://www.ukim.edu.mk/dokumenti_m/bilten/2023/1283-01.05.2023.pdf
Трудот на д-р Горан Мојановски може да го најдете на следниот линк: https://eccf.ukim.edu.mk/wp-content/uploads/2023/06/Dokotrski-trud_Goran-Mojanoski_31.05.pdf
На Горан му посакуваме многу успеси во понатамошниот кариерен развој. Здружението за истражувања и анализи ЗМАИ станува побогато за уште еден доктор на науки, кој своето знаење го применува во работата со Здружението. Една од главните цели на ЗМАИ е да ја користиме науката и статистиката за да дојдеме до соодветни решенија и да ги подобруваме општествата во кои работиме. Особено со фокус на малите и отворени економии во развој, како македонската.
Скорешни коментари